Петровска-Пахор: Словенија е силен поддржувач на Северна Македонија

од Nikola Popovski

Во рамки на денешната официјална посета на Република Словенија, министерката за одбрана Славјанка Петровска се сретна со претседателот на Словенија, Борут Пахор.

Во фокусот на разговорите беше иднината на Западниот Балкан, која е тесно поврзана со европските и евро-атлантските структури, особено во светло на новата геополитичка реалност, актуелните безбедносни ризици кои произлегуваат од руската агресија врз Украина и нужноста од ефектуирање на проектираната амбиција на ЕУ како глобален актер.

Северна Македонија и Словенија се обединети во вредностите и принципите кои гарантираат безбедност и просперитет за регионот, но и за европскиот континент. Двете пријателски земји имаат идентични заложби за мир, слобода и демократија. Двете земји имаат заедничко минато, но уште поважно –заедничка сегашност и иднина, како дел од најмоќниот воено-политички сојуз, НАТО. Нашите држави се еднакво посветени гаранцијата на безбедна, демократска, просперитетна иднина за своите граѓани. А тоа ќе го постигнеме само ако меѓусебно соработуваме, си помагаме, ги паметиме лекциите на историјата за да создаваме нови лекции за пример во иднина, заклучија двајцата соговорници на средбата.

Петровска и Пахор ја осудија руската агресија врз Украина и порачаа дека тоа е удар врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и сериозно кршење на основните принципи на меѓународното право. Соговорниците се согласија дека е потребен итен прекин на огнот и решавање на сите отворени прашања по дипломатски пат.

Претседателот Пахор нагласи дека Словенија во континуитет е силен поддржувач на Северна Македонија, дека континуирано се залага за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во Унијата.

Словенечкиот претседател Пахор го поздрави развојот на настаните во контекст на приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ и изрази задоволство што по толку години Северна Македонија има јасна и силна европска перспектива.

Слични содржини