По освојувањето на Оскар, Ентони Хопкинс со ВИДЕО му оддаде почит на Чедвик Боузман

од Stefanija Kuzmanovska

Ентони Хопкинс, кој синоќа го освои Оскарот за најдобра машка главна улога, но не присуствуваше на престижната церемонија на доделување на наградите, утрово ѝ се заблагодари на Академијата со кратко видео, во кое го споменува покојниот Чедвик Боузман, пишува „Variety“.

83-годишниот актер утрово сними видео од Велс, каде моментално престојува, и наведе дека не очекувал да освои Оскар на 83-годишна возраст.

Во краткото видео објавено на Инстаграм, Хопкинс рече дека не ја очекува наградата и се присети на колегата, покојниот Чедвик Боузман, кој почина од рак минатата година.

„Добро утро. Јас сум тука во својата татковина Велс и на 83 години не очекував да ја добијам оваа награда. Навистина не очекував. Јас сум исклучително благодарен на Академијата, се чувствувам привилегирано и почестено. Би сакал да го спомнам и да му оддадам почит на Чедвик Боузман, актер кој прерано не напушти. Ви благодарам на сите“, рече кратко актерот.

Боузман беше номиниран во категоријата најдобар актер за неговата последна улога, онаа на трубачот Леви Грин во филмот Ma Rainey: Mother of the Blues.

Слични содржини