ПОЧНУВА ЕВРОПСКОТО! „Азурите“ немаа пораз 27 натпревари, Турците се голема мистерија

од Stefanija Kuzmanovska

По една година одложување поради пандемијата на коронавирус, конечно ќе започне фудбалското Eвро. Првиот натпревар ќе се одигра во Рим на „Олимпико“ помеѓу Италија и Турција, а овој долгоочекуван натпревар од трибините денес треба да го следат 16.000 навивачи.

Италијанците, го вратија култот кон репрезентацијата. Откако не успеаја да се пласираат на СП 2018, тренерот Роберто Манчини и „азурите“ не се поразени 27 натпревари по ред, од септември 2018 година и натпреварот со Португалија во Лигата на нациите.

– Целта беше да се врати поддршката на навивачите кон репрезентацијата и да се врати победничкиот менталитет, и мислам дека успеавме. Ја прифатив оваа работа затоа што обожавам предизвици, но и поради фактот што никогаш не освоив ништо со репрезентацијата, а играв 20 години на врвно ниво. Сега е вистинската можност Италија да се врати на врвот – изјави италијанскиот селектор Роберто Манчини.

Интересно, во претходните 15 европски натпреварувања во воведните натпревари, домаќините остварија само пет победи, од кои едната е освоена со фрлање паричка. Според „Трансфермаркт“, репрезентацијата на Италија вреди 771 милиони евра, додека Турција се проценува на 325 милиони евра.

Турците ќе бидат голема мистерија на овој турнир. Многумина веруваат дека тие ќе бидат најголемото изненадување, а по лошиот настап во Лигата на нациите, во кој испаднаа, претрпеа неколку порази и лоши резултати. Сега мора да се земе предвид фактот дека тие се втора најмлада репрезентација на целиот турнир, со просек од 25 години, додека Италија во просек има 27,7 години.

– На вакви натпреварувања, се паметат два натпревари, оној што го отвора турнирот и финалето. Имаме среќа да отвориме, а сега останува на нас да се пласираме во финалето. Се надевам дека ќе можеме да пренесеме сè што сме планирале на теренот – изјави турскиот играч за врска Окај Јокушлу.

Без оглед како ќе заврши овој натпревар, најважно за сите ќе биде тоа што конечно почнува континенталното натпреварување.

Слични содржини