Подољак: Прекин на огнот ќе значи победа на Русија и воведување „закон на џунглата“

од Stefanija Kuzmanovska

Советникот на украинскиот претседател Зеленски, Михајло Подољак, денеска изјави дека во сегашната ситуација, прекин на огнот и замрзнувањето на војната во Украина би биле победа за Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.

„Секое сценарио за прекин на огнот и замрзнување на војната во Украина во овој момент ќе значи само едно – победа на Русија и личен триумф на Путин“, напиша Подољак на социјалната мрежа Х.

Во тој случај, тврди Подољак, меѓународното право би ја изгубило сета моќ и би се вовел „закон на џунглата“.

„Војната ќе стане алатка за постигнување политички цели, а бројот на конфликти и хаос во светот драстично ќе се зголеми. На сите ќе им стане јасно: можно е да се нападне друга земја, да се окупира дел од неа, да се организира масакр таму и да се воспостави право на сила на та територија со премолчена согласност на светот“, додаде советникот на Володимир Зеленски.

Подољак изјави дека тоа ќе биде „голем пораз за западниот свет“ и „крај на сегашниот глобален безбедносен поредок“.

„Замрзнувањето на војната нема да стави крај на конфликтот и нема да го намали страдањето на украинскиот народ. Напротив, доколку Москва ја задржи половината од Украина и оди на пауза, ќе почне да се подготвува за следната рунда“, смета украинскиот функционер, додавајќи дека Русија, по смената на лидери во клучните западни земји, ќе почна „поголема, покрвава и подобро подготвена војна“.

Тој додаде дека во сегашната ситуација не може да има преговарачки процес и дека мора да се промени статус кво состојбата на бојното поле.

„Тоа значи повеќе оружје, проектили и авиони“, заклучи Подољак.

Слични содржини