Политичарите од регионот се збогуваат со Балашевиќ, пораката на Абазовиќ е особено емотивна (ФОТО)

од Nikola Popovski

Политичарите во регионот вечерва се простија од српскиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина денес на 67-годишна возраст од последиците на коронавирусот. Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на Твитер со посебни зборови објавија за Балашевиќ, а истото го стори и поранешната премиерка на Хрватска, Јадранка Косор.

Заев ја објави песната на Балашевиќ „Седум осуммини“ и напиша:

„Балканот жали за Балашевиќ вечерва. Заминувањето на Ѓорѓе е само физичко, неговиот дух е толку голем што никогаш нема да згасне или да се заборави. Тој ни остави големо наследство – музичко, социјално, културно, човечко. Слава му“, напиша Заев.

Абазовиќ верува дека Балашевиќ нè научи да живееме слободно.

„Му посакувам бонанза на панонскиот морнар во неговото вечно патување. Тој нè научи да живееме слободно, украсени со соколово перје за магија против синџирите“, истакнал Абазовиќ на Твитер.

Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор исто така напиша тажна порака на Твитер.

„Девојка со чардаш нозе, се пееше во едни прекрасни стари времиња. Сето тоа беше младост и љубов и песна и Ѓоле. И повторно оди дел од животот“.

Балашевиќ беше голем пријател на БиХ и Сараево

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, испратил телеграма со сочувство до семејството на истакнатиот уметник Ѓорѓе Балашевиќ. Комшиќ истакнал дека го погодила веста за смртта на Балашевиќ, кој бил голем пријател на БиХ и Сараево.

„Како и многу граѓани на Босна и Херцеговина, и мене ме погоди и сум навистина тажен од веста за смртта на Балашевиќ, истакнат уметник и писател. Тој беше голем пријател на Босна и Херцеговина и на градот Сараево.

Тој остави неизбришлива трага во својата работа, а неговото заминување е голема загуба за целиот регион. Во оваа прилика, во име на граѓаните на БиХ, и од мое лично име, би сакал да упатам длабоко сочувство до неговото семејство и пријателите“, напишал Комшиќ.

Познатиот југословенски и српски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ почина денес од Ковид-19. Тој беше примен на Инфективната клиника пред три дена, каде се лекуваше од пневмонија.

Тој беше член на групите „Жетва“ и „Ран мраз“, а во 1982 година ја започна својата соло кариера.

Има издадено вкупно 12 албуми и има глумено во неколку телевизиски серии, за кои ја напишал и музиката.

Слични содржини