Поранешен специјалец запрел борци на Хамас: „ТРЧАВ КОН НИВ И ГИ УБИВАВ“

од Stefanija Kuzmanovska

Една од првите израелски населби која беше нападната кога милитантите на Хамас го нападнаа Израел рано наутро во саботата беше кибуцот Нир Ам, каде што жителите пружија жесток отпор и ги избркаа напаѓачите.

„Го зедов пиштолот, облеката, панцирот и цигарите“, изјави Адам за Би-Би-Си, спокојно раскажувајќи како звукот од пукотницата го нашол во кревет во 6:30 часот наутро во саботата: „Почнавме да ги убиваме сите кои дојдоа до оградата“.

Тој беше прогласен за херој на Нир Ам, спасител на неговиот кибуц, заедница од околу 400 луѓе кои живеат на само два километра од Газа. „Го земав воки-токито и ја повторував оваа реченица одново и одново: Никој нема да влезе во Нир Ам, никој нема да влезе во Нир Ам“.

Адам има 46 години и тој е поранешен специјалец, така што не може да се покаже неговото лице или да се користи целото име.

Нему, како што навел Адам, му се придружиле и други луѓе од кибуцот: „Цивили кои не знаат да се борат, но имаат големо срце. Двајца или тројца имаат искуство од специјалните сили, но останатите се обични луѓе, кои работат во ИТ. Обични луѓе, но многу посебни“.

Тие се бореле заедно помеѓу три и пет часа, Адам не е сосема сигурен. Потоа настанало затишје: „Мислевме дека се е во ред, но потоа дојде вториот бран, меѓу осум до 10 терористи со митралези и ракетни фрлачи. Тие беа блиску, 10 до 15 метри. Се стрчав кон нив, застанав, пукав и убивав… куршум во глава“.

Што чувствувал во жарот на оваа борба? „Мојот ум е нормален, јас сум воин, јас сум борец, за тоа сум создаден“, навел тој.

И му било јасно што е во прашање. Жителите на Нир Ам би биле масакрирани, вели тој, исто како што биле масакрирани жителите на некои други кибуци, заедници организирани како колективи или фарми.

„Ќе влегуваа во куќи и ќе убиваа жени и деца. Таа помисла ни даваше сила да се бориме. Никому не му дозволивме да влезе во кибуцот. Никој од нашите луѓе не беше повреден“, заклучува Адам.

Сега жителите на Нир Ам живеат во хотел во Тел Авив. Не знаат кога ќе можат да се вратат. Адам мисли дека некои ќе се плашат премногу. Тој е благодарен за гостопримството: „Ова ни е како втор дом, бевме срдечно примени. И целиот Израел ни испрати облека и храна“.

Слични содржини