Актуелно
Почетна / Спорт / Пораз во Перм: Храбра игра на нашите кошаркари против Русија

Пораз во Перм: Храбра игра на нашите кошаркари против Русија

Втор меч од квалификациите за Европското првенство во 2021 година за нашиот национален тим. И втор пораз, овојпат од разлика 77:67 за Русите.

Игравме добро во најголем дел од мечот во Перм. Сосема добро прво полувреме, слична трета четвртина. Но без краен ефект во онаа последната, решавачката.

Иако имаме „минус три“ и напад за нерешен резултат, на крајот, фаворитот победи, па овој февруарски „прозорец“ го затворивме со втор пораз.

Андреј Магдевски стартуваше на првата бековска позиција на местото на повредениот Ненад Димитријевиќ, кој остана во Скопје. Останатиот дел од првата петорка на Македонија беше ист, со браќата Стојановски, Крстевски Витингтон.

Водевме со (8:2) по само две минути игра. Нешто подоцна и (12:8). По шестиот поен на Магдевски имавме и (17:12). Доброто шутерско издание го продолжи, со тројка, и Ѓуроски за највисоките (20:14) од стартот на мечот во Перм. Но во само една минута, Русите ја погодија првата тројка (од осмиот обид), „откинаа“ пет поени, па првата четвртина ја добивме само со поен предност, (20:19).

Во втората четвртина селекторот Тодоров се одлучи да почне со два бека, покрај Магдевски заигра, за прв пат на еден официјален меч, Кристијан Николов.

Домаќините ја продолжија серијата, имаа (9-0) и преминаа во водство (23:20). Ја прекина Симоновски, а Тодоров ги врати браќата Стојановски назад во игра. Го вративме назад и водството (24:23). За кратко, затоа што „зборнаја“ врза нови шест поени. За нивна најголема предност (29:24), и минута одмор за Тодоров, кој во меѓувреме проба и со најмладиот во тимот, Јакимовски.

Сето тоа во нецели 14.минути игра во „Молот“ Арената.

Но, капитенот Војдан Стојановски не даде таа негатива да биде поголема (28:32).  Кога Русите „побегнаа“ и на плус 7 (36:29), ги запре новата тројка, сега на  Дамјан Стојановски (32:36), а Симоновски спушти на (34:36).

Добрата напаѓачка игра Магдевски (8. поени, плус 4. скока и 3. асистенции) ја заокружи со полагање за (36:38) како што заврши првото полувреме.

Шутиравме со 50% од поле, но и од линијата за слободни фрлања, макар што имавме смао четири обиди (погодени два). И скоро 31% за три поени, (4/13).

Сличен беше и ефектот на противничката селекција, оттука и резултатот беше во рамките на реалното. Но 20.минути како и показател дека можеме да се бориме, да играме со „зборнаја“…

Но противникот почна да погаѓа од далеку. По двете врзани тројки, Русија дојде од највисоките (48:40), и го натера Тодоров уште во раната фаза од третата четвртина да земе тајм-аут.

За ново наше враќање во игра, со пет поени од Ѓуроски и Стојановски, (45:48). Игравме во серии, кога станува збор за нападот. Од друга страна Русија повеќе се базираше на шут од далечина, и добро им одеше тоа во третата четвртина. Имаа и плус од 9.поени (57:48) во 29.минута од играта.

Но новите пет поени по ред, односно новата тројка на Ѓуроски ја врати Македонија на достижни (53:57), со кои влеговме во последните 10.минути.

Не стартувавме добро во тој дел од играта, Русите казнија со двете тројки на најискусните Кулагин и Фридзон, за прво двоцифрено водство (63:53).

Тодоров мораше да го врати назад во игра и Дамјан Стојановски, кој претходно имаше 4. лични грешки.

Русите продолжија со ефикасната игра, Фридзон продолжи да дава тројки, и го однесе домашниот тим до убедливи (68:55) за нова реакција од Тодоров пред последните пет минути од средбата.

Но дадовме десет  поени по ред, дојдовме на -3 (64:68). На две и пол минути пред крајот беше (65:68). Потоа и (67:70), кога престрого судиите му дадоа три слободни фрлања на Кулагин. Но во тие 1:27 минути останавме со шанса, даде само едно за (71:67).

По нереализираниот напад на Симоновски, Фридзон немаше проблеми, (73:67). Проба Крстевски со тројка, не успеа и победата остана во Перм, за Русија.

loading...