Повластено паркирање за лицата со оштетен слух на паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ

од Берта Китинска

Директорот на јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“, Васко Кичевски и претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви на РСМ, Томица Стојановски, на денешната средба кај градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, потпишаа Меморандум за соработка, со цел да им се овозможи на овие лица непречено да функционираат во општината и во градот.

Со потпишување на овој Меморандум, лицата со оштетен слух ќе бидат ослободени од плаќање надоместок за користење на паркинг местата означени за лица со посебни потреби на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар. Оваа измена во Правилникот за начинот и постапката за издавање на повластена паркинг карта ќе стапи на сила откако ќе биде изгласана од Советот на Општина Центар.

Со ваквите измени во работењето, ЈП Паркинзи на Општина Центар како општествено одговорно претпријатие, ќе даде свој придонес во подобрувањето на квалитетот на живот на луѓето со оштетен слух и полесно надминување на проблемите со кои се соочуваат секојдневно.

Слични содржини