Правните лавиринти за одложувањето на изборите ќе се решаваат кај Пендаровски

од Aleksandar Todeski

Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Зијадин Села, Африм Гаши, Билал Касами, и Мендух Тачи точно на пладне ќе ја почнат лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, на која ќе се разговара за одложување на изборите. Засилување на преговарачката маса ќе бидат претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.

Фото: Борче Поповски

И додека лидерите одлучуваат на кој датум да се одржат изборите, собранискиот спикер Талат Џафери го отвори и прашањето врз која основа тој би го свикал Парламентот, бидејќи пратениците се самораспуштија и има помалку од 30 дена до датумот на кој требаше да се одржат изборите.

Собранискиот спикер Талат Џафери, во изјава за Дојче Веле тврди дека не може да се направи паралела со одложувањето на изборите во 2016 година, кога се одложија изборите на барање на тогашната опозиција, но и под притисок на странските претставници кои беа медијатори за Пржинскиот договор.

„Овој случај од 2016 година не е реперот. Тогаш не стапи во сила одлуката за распуштање на Собранието и немаше правен ефект одлуката. Не сакам ништо да коментирам. Тие што одлучуваат да се одложат изборите нека кажат што мислат“, вели Џафери за ДВ.

Претседателот Стево Пендаровски пак, вчера, по седницата на Советот за безбедност истакна дека во 2016 година без кризна состојба во некоја општина и без пандемија на светско ниво, два пати биле одложени изборите, што значи дека таков правен преседан се случувал и претходно.

„Без било каков проблем од тој тип, ние во 2016 година два пати ги одложуваме изборите и Собранието се враќаше еднаш, ја поништуваше својата одлука и закажува нов датум за избори. Таков правен преседан се случувал во време кога немавме пандемија. Не гледам проблем да се одложат изборите“, рече Пендаровски.

Изборите во 2016 година се одложија со поништување на одлуката на тогашниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, а за таа одлука, Талат Џафери како координатор на пратеничката група на ДУИ поднесе иницијатива до Уставниот суд, да се разгледа уставноста на распишаните избори, одлука која го врати во заседание Собранието.

Според информациите на „Локално“, ќе се разгледува можноста Собранието да ја поништи одлуката за распуштање, но без да изгласа нов датум за избори, односно заседава нормално и да се следи ситуацијата со коронавирусот, па потоа да се одлучи кога би се одржале изборите. Помеѓу датумите кои ќе се стават на маса, како што дознаваме се 13. и 20. септември, иако коалициониот партнер на владејачката СДСМ, Либерално-демократската партија побара новиот датум за избори да биде во октомври.

Во меѓувреме, ќе се одлучува и за кадрите на опозицијата во техничката влада. По примерот од 2016 година, тројцата дополнителни заменик министри и техничкиот министер за внатрешни работи треба да си поднесат оставка, а да бидат реизбрани сто дена пред избори.

Во 2016 година, тогашниот технички министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременски, како и тројцата дополнителни заменик министри, Љупчо Николовски, Александар Кирацовски и Кире Наумов по одложувањето на изборите поднесоа оставки, а пратениците ги изгласаа откако се доби новиот датум а избори, односно сто дена пред изборите кои тогаш се одржаа во декември.

А.Т.

Слични содржини