Премиерот на Хаити го нарачал убиството на претседателот Моиз?

од Nikola Popovski

Главниот обвинител на Хаити побара од истражниот судија да го обвини премиерот Ариел Анри за убиството на претседателот Жовенел Моиз и ги повика официјалните да му забранат да ја напушти земјата.

Оваа наредба од обвинителот во Порт-о-Пренс беше дадена истиот ден кога го повика премиерот Анри да се сретне со него и да му објасни зошто клучниот осомничен за атентатот на претседателот Моиз му се јавил двапати само неколку часа по атентатот.

„Има доволно компромитирачки елементи за да му се суди на Анри и да се побара покренување на обвинение“, напишал обвинителот Бед-Форд Клод во наредбата.

Обвинителот соопштил дека повиците биле упатени на 7 јули во 4.03 и 4.20 часот, и додал дека доказите покажуваат дека осомничениот Џозеф Бадио во тоа време бил во близина на куќата на Моиз.

Бадио еднаш работел во министерството за правда на Хаити во владината единица за борба против корупцијата, додека не бил отпуштен во мај, под обвинение за кршење на етичките прописи.

Во документ на две страници, обвинителот Клод наведува дека повиците траеле вкупно седум минути и дека премиерот Анри во тоа време бил во хотелот Монтана во Порт-о-Пренс.

Тој исто така посочил дека државен службеник напишал во порака на Твитер минатиот месец дека Анри му рекол дека никогаш не разговарал со Бадио.

Претседателот на Хаити беше убиен на 7 јули во вооружен напад врз неговата приватна резиденција.

Слични содржини