Претставниците на Хамас ги завршија преговорите во Египет, се чека на реакцијата на Израел

од Radmila Tasevska

Претставниците на палестинската милитантна група Хамас денеска ја завршија последната рунда преговори за прекин на огнот во Појасот Газа со египетските претставници во Каиро и сега го чекаат исходот од преговорите меѓу претставниците на Египет и Израел, кои треба да се одржат во текот на викендот во Париз, изјавија неименуван функционер на Хамас и египетски безбедносни извори.

Водачот на Хамас, Исмаил Ханије се сретна со египетските посредници во Каиро за да разговара за прекин на огнот, за време на неговата прва посета на Египет од декември.

Како што пренесуваат агенциите, шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел денеска ќе отпатува во Париз на разговори со Израелците, откако ќе ги заврши разговорите со Ханије.

Функционер на Хамас изјави дека за време на разговорите со египетските посредници не дале никаков нов предлог во однос на оние што ги имале претходно, па сега чекаат да видат што ќе кажат претставниците на Израел.

„Разговаравме за нашиот предлог со египетските претставници и ќе почекаме додека не се вратат од Париз“, рече претставникот на Хамас.

Хамас, за кој се уште се верува дека држи повеќе од 100 заложници заробени во нападот на Израел на 7 октомври, што ја предизвика војната во Газа, вели дека ќе ги ослободи само како дел од прекинот на огнот што ќе резултира со повлекување на Израел од Газа.

Од друга страна, Израел наведува дека неговите сили нема да се повлечат додека Хамас не биде искоренет. Двајца палестински функционери наведуваат дека Хамас не го променил ставот, поточно дека се уште бара примирјето да заврши со повлекување на израелската армија.

Слични содржини