Пристигнува Maserati MCXtrema

од Vladimir Zorba

Maserati објави дека тркачката верзија на MC20 ќе се вика MCXtrema (досега беше позната како Project24), а премиерата ќе се одржи на 18 август на настанот Monterey Car Week.

Италијанската компанија најавува дека ќе направи ограничена серија од само 62 примероци, со напомена дека сите се веќе распродадени. Исто така, се наведува дека нема два автомобили да бидат исти бидејќи сите единици планирани за производство ќе бидат навистина уникатни.

Сепак, познато е дека автомобилот е придвижуван од 3,0-литарски Nettuno V6 мотор со пар нови турбополначи, така што моќноста е 552 kW/740 КС.

MCXtrema, исто така, располага со шест-брзински секвенцијален менувач, механички диференцијал со самозаклучување, прилагодливи амортизери и шипки против превртување, карбон-керамички сопирачки Brembo, тркала од 18 инчи и резервоар за гориво од 120 литри.

Centro Stile Maserati го измени болидот за да го направи поспособен на патеката. Напред, фаровите на патната верзија ги нема, додека масивниот отвор на хаубата помага да се насочи воздухот над телото. Предниот сплитер и задното крило се прилагодливи за дотерување на аеродинамиката на патеката.

Maserati исто така ги помести издувните цевки повисоко на задниот браник за да може дифузорот да биде поголем.

Maserati планира MCXtrema да тежи помалку од 1.250 килограми. За споредба, патниот автомобил MC20 тежи 1.500 килограми.

Бидејќи ова е возило само за патека, Maserati ја соблече внатрешноста на MC20 за да го создаде MCXtrema. Кабината има безбедносен кафез кој е во согласност со прописите на ФИА и апарат за гаснење пожар. Возачот е врзан со појаси со шест точки, а за него е наменет и мултифункционален волан од карбонски влакна.

Исто така, има прилагодлив тркачки ABS и контрола на тракција.

Дополнително, купувачите ќе можат да додадат совозачко седиште, задна камера, телеметриско снимање, камера во автомобилот, екран за оптимизација на перформансите на возењето и систем за следење на притисокот во гумите.

Конечно, клиентите ќе добијат пристап до тркачки настани поддржани од Maserati.

Слични содржини