Поранешниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Артан Груби останува во куќен притвор, со надзор. Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека по предлог на Обвинителството, судот ја продолжил мерката за 30 дена.
По распит во Обвинителството Груби наместо во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, поради безбедносни причини доби куќен притвор.
Поранешниот вицепремиер и министер по повеќе од 14 месеци бегство се врати на 23-ти февруари и сам се предаде на граничниот премин Блаце. Груби е осомничен заедно со екс директорот на Лотарија Перпарим Бајрами кој пак и натаму е во бегство и за него има активна потерница од Интерпол. ОЈО Скопје ги сомничи за злоупотреби со набавка на ВЛТ апарати при што МВР процени дека државата била оштетена за повеќе од 8 милиони евра.
Партиите обвинуваат за однапред договорено и режирано сценарио, но и за тајни договори. Дел од нив сметаат дека владее паника во одредени партиски кругови, бидејќи наводно „Груби знае премногу“, а куќниот притвор е поврзан со неговата подготвеност да соработува со институциите.