Проф. Максимовска-Стојкова: Да се пролонгира издавањето на еврообврзница, заем од ММФ е со подобри услови

од Берта Китинска

Најавеното прекројување на буџетската каса е очекуван потег на Владата но не треба да се примени ригорозно кратење на расходите и штедење.Toa не е добро за нас вели во интервју за „Локално“, Александра Максимовска-Стојкова, професор по финансово, даночно и буџетско право на Правниот факултет при УКИМ, бидејќи ќе донесе ниски стапки на економски раст и зголемена невработеност.

“Немаме сила како општество сега да издржиме пролетна строга диета и стегање на ременот. Со вакви мерки би имало уште поголеми социјални превирања и застој во стопанството, кое закрепнува од непредвидливата пандемија. Реторички, која е другата опција? Тоа се мерките на фискална и монетарна стимулација за економски раст. Секако тоа ќе нѐ чини поскапо. Ќе треба да се задолжиме, за да ги финансираме овие стимуланси,но прашањето е колку и за што”, вели Максимовска.

При ребалансирањето на буџетот според неа, Владата ќе мора да има сенс и за барањата за повисоки плати бидејќи како што вели, задоволен работник е услов за секој бизнис а задоволни наставници се еден од условите за добро образование.

”Ќе треба многу финансиска умешност во креирањето на ребалансот, приземност и селективност во проектирањето на приоритетите, одлучност во реализацијата. Сигурна сум дека Министерството за финансии има капацитет да го воведе редот. Прашање е колку има политичка слобода на маневар.”, вели професор Максимовска.

Според нејзините проценки, буџетскиот дефицит ќе се продлабочи на 6% од БДП а јавниот долг ќе расте до 64 % од БДП. Поради состојбите на глобалниот пазар и растот на каматите, предлага да се пролонгира најавеното издавање еврообврзница и го поздравува најавениот заем од ММФ.Во делот на неопходноста од кратење на непродуктивните расходи, Максимовска отвора дилема околу почитувањето на правилата од механизмот КАПЕФ, земајчи ги како пример Министерството за животна средина и МНР.

”Резултатски ориентираното буџетирање овде не е доследно почитувано и треба да се промени или да се образложи темелно, зошто е така одлучено. Во спротивно,вели таа, караванот ќе оди и кучињата ќе лаат…додека не се откажат и тие.

Сред економска криза и серија штрајкови за повисоки плати, Владата најави ребаланс на буџетот што ќе биде прво прекројување на државната каса за оваа година. Целта е да се обезбедат пари за покривање на дупките од кризата и за поддршка на граѓаните и стопанството.Што мислите, дали се работи за навремено и неопходно прекројување на државната каса и во која насока треба да се прави ребалансот?

Во услови на глобална економска, енергетска и следствено социјална криза, нашата држава не е исклучок па за мене е очекувано и оправдано прекројувањето на буџетот. Тоа се правело и ќе се прави, бидејќи во спротивно Владата самата себеси би си ги врзала рацете со буџет кој “по секоја цена мора да се реализира“, онака како што е донесен претходната година. Буџетското право ги предвидува алатките на ребалансирање токму за да имаме респонзивна, активна и одговорна буџетска политика. Во однос на навременоста, да, ребалансот вообичаено се прави во средината на буџетската година. А пак, за насоките во кои може, или треба да се прекрои буџетот, не постои волшебна, точна формула. Да одговорам малку поинаку, насоките во кои ќе оди ребаланост зависат од тоа дали што сакаме, краткорочни или подолгорочни ефекти и резултати. Има две генерални опции (насоки), и ублажени варијации меѓу нив. Едната е ригорозно кратење на расходи и штедење, а другата е задолжување и инвестирање. Постојат неолиберални економисти, кои во услови на криза предлагаат “austerity”, односно поригорозни мерки на штедење, кратење на расходи, повисоки даночни стапки, водење на т.н. рестриктивна фискална политика. Проблемот е што следствено би била придружена со пониски стапки на економски раст и поголема невработеност. Тоа се прави за да се редуцира буџетскиот дефицит, а теоретски, има за цел долгорочно подобрување на макроекономските перформанси. Дали е ова добро за нас и во македонските услови? Мислам – не. Немаме сила како општество сега да издржиме пролетна строга диета и стегање на ременот. Со вакви мерки би имало уште поголеми социјални превирања и застој во стопанството, кое закрепнува од непредвидливата пандемија. На пример, Големата рецесија од 2008 година ни покажа дека ако овие кратења во буџетските расходи се прерано усвоени, закрепнувањето ќе се одложи за подолг период (години), и ќе предизвика загрозување на човечките ресурси, па први на удар ќе се малите бизниси… и, едноставно, не, не сме спремни за оваа опција, бидејќи никој не би бил добитник, а сите ќе платиме на одреден начин.

Реторички, која е другата опција? Тоа се мерките на фискална и монетарна стимулација за економски раст. Секако тоа ќе нѐ чини поскапо. Ќе треба да се задолжиме, за да ги финансираме овие стимуланси. Колку да се задолжиме, и најважно, за што да се задолжиме е вистинското прашање.

Но, еве, да не одам само теоретски, имаме par excellence лекција од грчката економија, која во 2015 година, притисната од строгите Мастрихтски правила на ЕУ (а посебно од Германија), не смееше да се задолжи уште повеќе за да ја опорави економијата, па им се случи натамошен економски пад. Така, еден од еминентните економски автори, професорот Yanis Varoufakis(истовремено и тогашен министер за финансии, кој се противеше на оваа одлука) во својата книга “И слабите трпат онолку колку што мораат?“, пишува: „Нели ви реков!“ Односно, тој точно предвиде дека Грција ќе погреши ако слепо се придржува до строгите правила на ограничено задолжување на ЕУ. Оттука, за мене во моментов нема дилеми, оправдано е ребалансирањето, односно оправдано е задолжувањето за македонскиот буџет. Уште повеќе што не треба да бидеме толку заслепени почитувачи на Мастрихтските правила на ЕУ. Тоа во моментот не ни одговара, не само затоа што не сме во ЕУ, туку и затоа што и самата Унија привремено ги суспендираше до крајот на 2022 година. Да се опоравиме на начин на кој нам најмногу ни одговара, да му се пружи поддршка и на стопанството и на народот, но онаму каде е вистински потребна,без да се “протнат“ непродуктивни и неоправдани расходи. Тие пари ќе ги враќаат нашите деца.

Едно од непланираното прекројување секако ќе бидат парите кои ќе треба да се обезбедат за да се задоволат барањата на синдикатите за поголеми плати. Колкаво е значењето на оваа ставка со сите нејзини последици?

За мене штрајкот на синдикатите не е неочекуван или изненадување. Секако, не е ни за Владата. Имаме зголемена инфлација, енергетска криза, пораст на цените на основните производи…, како да не штрајкуваат? Чудо е што не штрајкуваа месец или два порано. Најгорливо во моментот е за наставниците, а штрајкуваат – затоа што се доведени во лоша финансиска состојба, и според мене, заслужуваат подобри и подостоинствени плати, за кои мора да има сенс во Владата припрекројувањето на буџетот. Има ли нешто поважно од образованието на нашите деца? Силата на државата е во квалитетното образование, како најисплатлива и најбрзо повратна инвестиција, за која се потребни мотивирани наставници со достоинствени плати. Задоволен работник е услов за секој бизнис, а задоволни наставници се еден од условите за добро образование. Ајде да се откажеме од нешто друго, за да се покријат тие дополнителни расходи. Тоа би било почитување на буџетскиот принцип на приоритет. Последователно, за жал ќе треба да се одлучиме малку да ја „одложиме“ фискалната консолидација. Затоа, ќе треба многу финансиска умешност во креирањето на ребалансот, приземност и селективност во проектирањето на приоритетите, одлучност во реализацијата. Ставката на овој расход е непозната за јавноста, ќе ја дознаеме откако ќе ја објават, па не би можела да дефинирам со точност дали во целост ќе може да се изведе, или ќе се најде компромис. Од политички и социјален аспект, јавните финансии налагаат, пред сѐ,разумна политика, заснована на аргументи со бројки, а не на политички емоции,но ова прашање има приоритет во ребалансот на буџетот.

Притоа, зошто никој не прашува за кратење на некои непродуктивни расходи, кои евидентно отскокнуваат во постојниот Буџет? Очигледна е контрадикторноста во почитувањето на правилата од механизмот КАПЕФ (механизам за подобрена реализација на капиталните расходи). Односно, согласно КАПЕФ, на буџетските корисници со пониска реализација им се одземаат, а им се доделуваат средства за капитални инвестиции на корисниците со повисока стапка на реализација. Тука, зачудуваат доделените средства за инвестиции на Министерството за животна средина и просторно планирање зголемени за 79%, знаејќи дека во 2021 г. имаа реализација од 12%. Или пак, зголемените капиталните инвестиции за 2022 г. за Министерството за надворешни работи со 300%, а нивните минатогодишни реализации беа 12%. Овде гледам простор за промени и пренамени. Резултатски ориентираното буџетирање овде не е доследно почитувано и треба да се промени или да се образложи темелно, зошто е така одлучено. Во спротивно, караванот ќе оди и кучињата ќе лаат…додека не се откажат и тие.

Накратко, ребалансот треба да обезбеди фискална одржливост, да донесе социјален мир и да направи подобар договор меѓу државата и граѓаните. Цената ќе биде на штета на меѓугенерациската солидарност. На Мастерот по финансово право, ги истражувавме новите концепции за буџетот како договор за репарирање на довербата меѓу државата и граѓаните, и токму тоа е тоа што нам ни е потребно сега, што поскоро.

Колку треба да се биде внимателен во пресметките за ребалансот за сепак да се обезбеди стабилност и потенцијал за развој на економијата? Како во исто време да се штеди и да се зголемат инвестициите со кои ќе се поддржи домашната економија?Од кои ставки според вас треба да се скрати?Има ли позиции од каде ќе може да се заштеди или пренамени некој денар?

Ќе го цитирам министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими, “се наоѓаме меѓу чеканот и наковалната– стимул и фискална консолидација“, а мое мислење е дека не може да штедиме и примениме ригорозни мерки на фискална консолидација, но може многупо паметно да трошиме. Одлуката би била уште малку да позајмиме сега, за да го ублажиме ударот на зголемената инфлација и енергетската криза. Но, да ја оправдаме “меѓугенерациската позајмица“, со паметни домаќински расходи. Да инвестираме во проекти кои се од национален интерес. Тука вбројувам подобро образование, капитални инвестиции во обновливи извори на енергија, но никако,расходи за измислени работни места во државната адмиистрација. Конечно да си погледнеме во огледало и да видиме кој е на другата страна? Никогаш не разбрав за што ни се некои од министерствата во држава со помалку од два милиони население. Во тие министерства има бројни работни места кои се измислени и чии работни задачи не соодветствуваат со надлежноста на тоа министерство. Признаваме ли дека служат за вработување на партиски кадри? За купување на некаков мир. До кога? Ако е така, тогаш многу скапо го плаќаме и тоа сите заедно. За што ни се трошоци за екстравагантни патувања? За да се преправаме тоа што не сме? Пред кого? Да ги преиспитаме расходите за водење надворешна политика и да ги измериме резултатите од истите! Како небаре да сме полноправна членка на ЕУ. Се трошат буџетски средства за парадерски конференции по државни органи, а народот е гладен! Да си го средиме прво дворот дома, и да ги задржиме младите да не си одат, а си одат поради пад на квалитет на образованието, ниски плати и лоши работни услови, вработување по квоти, како да сме племенски поделени, а не демократска држава со концепт на граѓанско општество. Финансиите токму сега може да бидат вистински коректив на оваа поделеност, односно со буџетски одлуки да се ставаат работите во ред. Сигурна сум дека Министерството за финансии има капацитет да го воведе редот. Прашање е колку има политичка слобода на маневар.

Во услови на кризи од секаков тип, инвеститорите стануваат се попретпазливи, а најавените инвестиции буквално висат на конец поради поскапувањата кои ги зафатија сите сегменти од живеењето.Како да се форсираат продуктивни проекти?

Секако не со прогресивни даночни стапки во следната година, корупција и неефикасна администрација. Со подобра инфраструктура, едукација на поквалитетни кадри, поефикасни судови и почитување на принципот на владеење на правото. Нам ни се конкуренција соседните држави во привлекувањето на странски инвестиции, кои се чекор пред нас, а ние ниту учиме од нив ниту одиме со иста брзина во привлекувањето на надворешни инвестиции. Ова ни е една од најгорливите рани, проследена со одливот на млади и образовани луѓе. Нема стратегија за овој проблем, барем не во буџетот.

Колкаво ќе биде влијанието на ребалансот врз дефицитот и јавниот долг? Првичните планови на Владата беа дека дупката во буџетот оваа година ќе изнесува 4,3 % со тенденција за намалување.Колку со ребалансот ќе се одалечиме од таквата намера?

Да, буџетскиот дефицит беше намален од 8,1% од БДП во 2020 година, на 5,4% од БДП во 2021 година и беше предвидено да се симне на 4,3% од проценетиот БДП за 2022 година. Оваа траекторија беше за поздравување, но за жал, енергетската криза во Европа и војната во Украина ги поместија сите прогнози. Проценувам дека ќе следува продлабочување на буџетскиот дефицит на ниво од околу 6% од БДП, а јавниот долг ќе расте до 64% од БДП. Се работи за избор помеѓу две зла, па го бираме помалото и избираме умереност. Буџетскиот дефицит не е страшен, доколку е поради оправдани вложувања во приоритети, особено бидејќи капиталните расходи на Буџетот може да имаат позитивно влијание врз среднорочниот и долгорочниот раст.

Дали постои ризик и со овој ребаланс да настрадаат капиталните инвестиции, особено оние кои го вклучуваат приватниот сектор?

Први на удар треба да бидат тековните расходи, особено непродуктивните трошења. Дури потоа, ако се уште има потреба од кратења, да се одложат оние владини инвестиции, кои не се приоритетни или имаат голема увозна компонента.

Владата најави и издавање еврообврзница за да се обезбедат потребните финансиски средства за оваа година а веќе се најавува и нов аранжман со ММФ. Поволни ли се состојбите на светските пазари за овој тип задолжувања?

Состојбите не се поволни, со оглед на покачувањето на каматните стапки на глобалниот пазар на капитал. Дека условите за позајмување не се розови, гледаме и од тргувањето со досега издадените евро-обврзници, чија пазарна каматна стапка се движи околу 5-5,5%. Оттука, најавеното издавање на евро-обврзницата подобро е да се пролонгира, а наместо тоа, надворешното финансирање да се обезбеди преку меѓународните финансиски институции, како што се Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Најавен е заем од ММФ со 1% каматна стапка. Нивните услови се многу подобри, а воедно, ќе следува и зајакнат мониторинг на политиките.Мислам дека е ова многу добра одлука во овој момент, доколку се реализира.

К.В.С.

Слични содржини