Проф.Шешов: Земјотресите се намалуваат како по интензитет така и по фрекфенцијата на појавување

од Берта Китинска

Нашата држава е подрачје во кое има сеизмичка активност и согласно на тоа е подложно на појава на земјотреси со умерена јачина , и согласно досегашните наши студии, со максимално очекувани магнитуди од М= 6.5 до 7 , во одреден временски повратен период , вели во разговор за „Локално“ професор д-р Влатко Шешов, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

-На науката не е и од примарен интерес да предвидува земјотреси. Затоа се прават студии на сеизмички хазард , во кои се дефинира веројатноста од појава на земјотрес со очекувана максимална магнитуда , согласно геолошките , тектонските и сеизмолошките услови на подрачјето од интерес. Серијата на земјотреси кои се случија изминативе денови беа со магнитуди М=5.3 и помали , кои од досегашните информации од терен не предизвикаа оштетувања на конструктивните елементи на објектите во подрачјето на Битола . Претежно се работи за оштетувања на неконструктивни елементи (преградни ѕидови , малтери и сл.) кои во крајна линија не ја загрозуваат стабилноста и сигурноста на објектите. Секако ова се првични информации , ќе видиме дали ќе има некои дополнителни податоци за евентуални други оштетувања, објаснува професорот.

Тој вели дека ИЗИИС не врши проценка на штетите туку на барање на општина Битола , како и по сопствена иницијатива се испратени експертски тимови за да направат брза проценка на безбедноста и сигурноста на јавните објекти од посебен интерес (болница, градинки, школи, гимназии , други државни објекти од посебен интерес) .

-Исто така ИЗИИС ќе и помогне , ако има потреба за тоа , со свој претставник на Општината околу нивните активности за проценка на штетите. Проценка на штетите е во надлежност на комисиите на општината. Ние сме во постојан контакт со надлежните од општината и со Градоначалникот, вели Шешов.

Според професорот досегашните податоци од регистрациите на сеизмичката активност во ова подрачје , упатуваат на констатација дека , земјотресите се намалуваат како по интензитет така и по фрекфенцијата на појавување.

-Согласно тоа треба да се очекува дека полека ќе се смирува , меѓутоа тоа е непредвидливо, имаме случаи од светско искуство , кога се случувале и силни потреси и после главниот т.н. “main shock”. Најважно од се , е да ги проектираме и градиме сите објекти согласно техничките стандарди и најновите сознанија од земјотресното инженерство, само така можеме да обезбедиме стабилни и сигурни градби и општество безбедно за сите, вели тој.

Б.М.

Слични содржини