Професор од Киев: Русија ја промени тактиката

од Stefanija Kuzmanovska

Професорот Максим Каменјецки од Киевскиот институт за меѓународни односи ја коментираше ситуацијата во Украина во „Нов ден“. Тој се осврна и на последните изјави на основачот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој уште еднаш вербално се судри со руското воено раководство, а ја коментираше и можноста за мировни преговори.

Белата куќа претстави нови проценки за загубите на Русија во украинската војна, според кои од декември минатата година имала 100.000 настрадани, од кои 20.000 загинати. И покрај овие големи загуби, Русите не успеаја да го заземат Бахмут, каде борбите се водат со месеци.

„Проблемот со Бахмут и ситуацијата околу Бахмут е што тоа е веројатно најтешката точка на линијата на фронтот, каде Русите постојано се обидуваат да ги пробијат нашите позиции. Тие контролираат поголем дел од таа област, но нашите сили понекогаш ја враќаат контролата над некои блокови од градот во локални контраофанзиви“, рече професорот.

Тој наведува дека Бахмут е важен град бидејќи е „место каде што може да се води одбранбена борба против значајните руски сили“. Тој смета дека Русија толку многу се труди да го освои Бахмут за да може да го прикаже како победа во сопствената земја.

Која е улогата на Пригожин и вагнеровците?

Водачот на приватната руска воена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во неделата изјави дека неговите луѓе кои се борат во Бахмут, во источна Украина, немаат муниција и предупреди дека украинската контраофанзива може да се претвори во „трагедија за Русија“. Каменјецки го анализираше неговиот вербален конфликт со руското воено раководство и зошто вагнеровците се толку важни за рускиот лидер Владимир Путин.

„Мислам дека тоа е еден вид игра бидејќи на овој начин, како што тој разговара со Путин и со руската јавност, не може да се разговара во Русија без некоја скриена позадина. Мислам дека улогата на Пригожин и Вагнер се состои во тоа што во најжестоките битки, а во Бахмут и се најтешки, да не гинат Руси кои во јавноста се сфатени како нормални граѓани, туку некои маргиналци. Затоа Вагнер е важен за Русија и руската армија затоа што се обидува да се намали влијанието на загубите затоа што гинат вагнеровците, а не руската армија. Мислам дека тој договорено го критикува руското раководство“, смета киевскиот професор.

Русија ја промени тактиката

Тој вели дека Русија во последните неколку месеци ја променила тактиката, па наместо да користи ракети со долг дострел, со беспилотни летала ја напаѓа Украина. Сега повторно користат крстосувачки ракети, за напади на целата украинска територија.

„Тие ја сменија тактиката, сега користат помалку ракети со долг дострел, а украинската воздушна одбрана не може целосно да ја заштити територијата, таа е преголема“, вели Каменјецки.

Папата Франциск изјави дека Ватикан е вклучен во мисијата за постигнување мир во Украина. Каменјецки наведува дека влијанието на Католичката црква во Русија е мало и дека не знае за што точно се работи.

Од друга страна, Кина исто така би можела да одигра голема улога во мировната иницијатива меѓу Русија и Украина. Украинскиот претседател Владимир Зеленски разговараше телефонски со кинескиот претседател Си Џинпинг минатата недела, за првпат од почетокот на руската инвазија.

„Веројатно имало одредено приближување на позициите бидејќи истиот ден Кина гласаше во ОН за резолуција во која потезите на Русија се нарекуваат агресија. Кога Кина одлучи барем делумно за својата позиција во оваа војна, за два дена Русија почна посилно да ја гранатира Украина со крстосувачки ракети. Кина сега игра улога која на Русија сè помалку ѝ се допаѓа“, вели професорот.

„Русија нема шанси сама да ги започне мировните преговори, бидејќи со припојувањето презеде чекори со кои за да седне на преговарачка маса мора да го промени уставот. Главен фактор во овој процес ќе биде нашата воена операција, нема друга логика“, заклучи Каменјецки.

Слични содржини