Пронајден спортистот од Уганда кој избега од олимпиското село: „Тоа што го стори е неприфатливо, тој нè издаде“

од Nikola Popovski

Кревачот на тегови од УГАНДА, Џулиус Секитолеко беше пронајден во Јапонија откако избега во потрага по подобар живот, бидејќи му беше кажано дека нема да може да се натпреварува на Олимписките игри.

Секитолеко работеше цел живот за да добие шанса на Олимписките игри, но кратко време по пристигнувањето во Јапонија ја доби кошмарната вест дека нема да може да се натпреварува во кревање на тегови.

Затоа тој реши да избега од кампот во Уганда за Олимписките игри и да замине во еден од јапонските градови, со цел да започне нов (подобар) живот таму. Сепак, јапонската полиција успеа да го најде само четири дена откако избега.

„Пронајден е без повреди и без никакви сомненија дека учествувал во незаконски активности. Со себе носел идентификација и се легитимирал. Во моментов не знаеме на кого да го вратиме, дали во репрезентацијата на Уганда или овдешната амбасадата“, изјавил претставникот на полицијата во Осака, а пренесе„ АФП“.

Секитолеко побегна од градот Изумисано во Осака, Нагоја, а потоа се упати кон областа Гифу, од каде замина во областа Миа. Пронајден е на 170 километри источно од почетната точка.

Министерството за надворешни работи на Уганда ѝ се извини на јапонската влада.

„Она што тој го стори беше неприфатливо, тој нè предаде“, рече министерот за надворешни работи на Уганда, Хенри Орием Окело.

20-годишниот кревач на тегови неодамна освои бронзен медал на Африканското првенство во кревање тегови.

„Тој беше пронајден во куќа што припаѓа на луѓе кои претходно биле во контакт со него. Не се спротивстави, беше искрен. Сè уште ги истражуваме неговите точни мотиви“, соопшти полицијата.

Јапонските лидери изразија загриженост по бегството на Секитолек затоа што тој избегал пред да биде тестиран за вирусот корона, со оглед на тоа што пандемијата не стивнува во земјата каде што се одржуваат Олимписките игри.

Слични содржини