Пронајдени над 8.000 содржини со детска порнографија: Браќа од Битола собирале интимни снимки од малолетнички

од Берта Китинска

Битолското јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против двајца браќа од Битола на возраст од 51 и 52 години, од кои едниот се товари за продолжено кривично дело – прикажување порнографски материјал на дете, додека двајцата како соизвршители сториле и кривично дело – производство и дистрибуција на детска порнографија.

Првиот обвинет, во периодот од јули до септември 2016 година злоупотребил девојче кое тогаш било на возраст од 13 години, за изработување на слики со порнографска содржина.

Преку фејсбук-профил со друго име во повеќе наврати комуницирал со девојчето, преку лажни онлајн адреси физички лоцирани во Нов Јужен Велс, Австралија, каде обвинетиот престојувал од 30 март 2016.

Притоа го убедил девојчето, за кое знаел дека е малолетно и нема навршено 14 години, да направи интимни видео клипови со порнографска содржина.

Откако девојчето му ги испратило снимките, во зимата 2017 година тој овие видеа со детска порнографија ги прикажал на друго девојче кое не наполнило 14 години, испраќајќи и ги од истиот фејсбук профил во порака.

Во периодот меѓу 9 септември 2010 година и 30 март 2016 година, во Битола, обвинетите браќа, како соизвршители, преку компјутерски систем набавиле и поседувале над 8.000 слики и видеа со содржина на детска порнографија, сочувани на хард диск и ДВД-а кои биле пронајдени и одземени при претрес на нивната куќа.

Фотографии со детска порнографија биле пронајдени и при проверка на нивните мобилни телефони.

Еден од обвинетите во текот на истражната постапка подолго време беше недостапен за органите на прогонот, па неговото присуство во текот на постапката било обезбедено во постапка за екстрадиција со помош на Интерпол и надлежните органи на Грција.

Дел од доказите во прилог на обвинителниот акт биле обезбедени преку инструментите на меѓународна правна помош од Австралија.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Битола доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за првиот обвинет, кој се наоѓа во притвор откако беше уапсен во Грција и екстрадиран во земјава.

Како основ за продолжување на притворот се наведува опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, како и можност да го повтори делото кое му се става на товар.​

Слични содржини