Протести во Љубљана пред самитот ЕУ-Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Во Љубљана синоќа повторно избувнаа немири за време на протестите поради владините мерки и воведувањето сертификати за Ковид-19, во кои, според извештаите на медиумите, учествувале неколку илјади луѓе.

Полицијата успеа да ги смири учесниците на протестот во доцните вечерни часови, а на неколку места таа употреби водени топови и солзавец, пренесе Хина.

Локален политичар од Крањ, Зоран Стевановиќ, кој зборуваше против владата на последните неколку јавни собири, беше уапсен, а полицијата го смета за еден од организаторите на протестот.

Полицијата ги засили безбедносните мерки на Брдо кај Крањ, на 30-тина километри од Љубљана, каде што денеска ќе се одржи неформален самит ЕУ-Западен Балкан, поради некои најави дека демонстрантите и незадоволните од владата може да се обидат да се приближат до шефовите на државите и владите.

Синоќа на Брдо кај Крањ се одржа неформална работна вечера на лидерите на земјите од Европската унија, чиј домаќин беше словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Присутни беа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, францускиот претседател, Емануел Макрон и германската канцеларка, Ангела Меркел.

Слични содржини