Првата дама на Сирија има рак на дојка, Башар Асад е со неа на хемотерапија

од desk2

Првата дама на Сирија Асма Асад почна да прима хемотерапија откако ѝ беше дијагностициран рак на дојка во рана фаза.

На официјалната фотографија објавена денеска на Facebook, претседателот Башар Асад седи до сопругата во болничка соба, додека Асма прима хемотерапија.

Во краткото соопштение објавено со фотографијата стои дека на првата дама ѝ бил откриен малиген тумор во рана фаза и дека претседателскиот кабинет ѝ посакува на Асма брзо закрепнување.

Подоцна беше објавена уште една фотографија на која Асма се шета низ болницата со лаптоп во едната рака и кафе во другата.

„Јас сум дел од сирискиот народ кој му покажа на светот што значи истрајност, сила и соочување со тешкотии. Мојата решеност доаѓа од вашата решеност и сила што ги покажавте во изминативе години“, беше објавено со фотографијата.

Не беше нагласено каде се лекува првата дама, но на една од фотографиите се гледа ќебе на кое пишува „војска“. Државната новинска агенција САНА подоцна објави дека првата дама прима терапија во воена болница во главниот град Дамаск, без да даде повеќе информации.

Самото јавно објавување на ваква информација е невообичаено во арапскиот свет каде ракот како болест уште се смета за табу тема.

Родителите на Асма, кардиолог и дипломат по професија, потекнуваат од централната провинција Хомс, но таа е родена и израсната во Лондон каде студирала банкарство. Асма се пресели во Сирија откако се запозна со Башар.

Веста за нивниот брак беше објавена во државните медиуми шест месеци откако тој стана претседател во јули, 2000 година, по смртта на татако му Хафез Асад.

Асма и Башар се во брак 18 години и имаат три деца – Хавез, Зеин и Карим.

Првата дама, која пред бракот со претседателот имаше успешна кариера како инвестициски банкар, изгради стил на прогресивна поборничка за права и ја сметаат за модерната страна на династијата Асад.

Слични содржини