Сè уште не е испратена официјална покана, но Русија е членка на Г20 и ќе биде поканета да учествува на министерските состаноци и самитот на лидерите, кој треба да се одржи во голф-ресортот во сопственост на семејството Трамп, изјави извор кој сакал да остане анонимен.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Панкин, кого го цитираа руските новински агенции, во средата навести дека неговата земја е поканета да учествува на самитот на највисоко ниво. Во четвртокот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, појасни дека прашањето за учеството на самиот претседател Путин сè уште не е решено.
Путин не присуствуваше на претходниот самит на Г20 во Јоханесбург во ноември 2025 година, а неговиот економски советник Максим Орешкин ја претставуваше Москва во Јужна Африка.
САД оваа година претседаваат со групата Г20, меѓународен форум за економска соработка кој ги обединува 19-те најголеми светски економии, Европската унија и Африканската унија. Членките претставуваат околу 85 проценти од светскиот БДП, 75 проценти од меѓународната трговија и две третини од светското население, со цел решавање на клучните прашања на глобалната финансиска стабилност, климатските промени и одржливиот развој.