Рамос: По зае*аната сезона, дојде и ова со Европското

од Stefanija Kuzmanovska

За првпат, шпанската фудбалска репрезентација оди на голем собир (Светско и Европско првенство) без играчи на Реал Мадрид. Така одлучи тренерот Луис Енрике!

Шестмина фудбалери на Реал Мадрид се натпреваруваа за дресот на „фуријата“ во последните репрезентативни циклуси. Карвахал и Васкез се повредени, Иско и Асенсио се далеку од добра форма, но фудбалската јавност беше шокирана од изоставувањето на дефанзивците Начо и Серхио Рамос.

И последниот е капитен и рекордер (180) по бројот на настапи за Шпанија, но оваа година одигра само четири натпревари, па Енрике процени дека сепак е подобро да се даде можност на некој друг.

– Одлуките мора да бидат засновани на наши критериуми. Би сакал да зборувам за Серхио Рамос. Одлуката не беше лесна, но тој не беше во можност да настапи во вистински услови од почетокот на јануари. Разговаравме вчера. Беше тешко. Тој отсекогаш бил на највисоко ниво, но јас сум цврсто убеден дека оваа одлука е најдобра за тимот. Му препорачав да биде себичен и целосно да се опорави за да може да продолжи да игра за клубот и репрезентацијата – ја оправда својата одлука Луис Енрике.

Рамос „машки“ ја поднесе одлуката на тренерот и им посака среќа на своите соиграчи и рече дека тој сепак ќе биде нивниот најгласен навивач.

– По неколку зае*ани месеци, а и чудна сезона, каква што никогаш не сум доживеал во мојата кариера, доаѓа и ова со Европското. Се борев и работев напорно секој ден со тело и душа за да бидам на 100 проценти за клубот и репрезентацијата, но работите не одат секогаш како што сакаме. Ме боли што не можев да му помогнам на Реал и дека нема да играм за Шпанија, но во овој случај најдобро е да се одморам, да се опоравам и да се вратам следната година како и секогаш. Секако, боли што нема да можам да ја претставувам мојата земја, но треба да бидам искрен – напиша Рамос.

Слични содржини