Реал по рекорден 35-ти пат го освои шампионатот на Шпанија

од Берта Китинска

Реал Мадрид оствари уште еден значаен момент во својата славна историја, откако по рекорден 35-ти пат го освои шампионатот на Шпанија. Ова се случи по лесната победа од 4:0 над Еспањол на четири кола пред крајот на сезоната во Ла Лига. Така, мадриѓани си ја враќаат круната која пред една година им ја одзеде Атлетико Мадрид.

Сега избраниците на Карло Анчелоти се пред уште еден голем предизвик – да го освојат пехарот во Лигата на шампионите, каде во среда ги очекува реваншот против Манчестер Сити во полуфиналето.

Најблиску до Реал во Шпанија е Барселона со 26 титули, а „белите“ имаат и 24 втори места.

Денеска попладне на „белите“ им требаше само бод, но ништо не препуштија на случајноста и покрај тоа што имаше доста резерви на теренот. Два гола на Родриго (33′, 43′) и по еден на Марко Асенсио (55′) и Карим Бензема (81′) го запечатија триумфот.

Поради претстојната битка со Сити Анчелоти, очекувано, им даде одмор на некои од своите клучни играчи, додека други беа казнети или повредени.

Така на теренот ги видовме длабоките резерви како Маријано Дијаз, Дени Себаљос, Марсело и Хесус Ваљехо. Вториот не беше стартер на тимот веќе 1.084 дена.

Слични содржини