Република Српска одлучна: БиХ нема да влезе во НАТО, остануваме неутрални како Србија

„Тие беа на спротивната страна. Го бомбардираа нашиот народ. Воената неутралност е стратешка определба и политика на Република Српска“, нагласи министерот за внатрешни работи на РС, СинишаКаран.

од Бети Божиноска

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави денеска дека БиХ не е кандидат за НАТО, ниту ќе биде членка на оваа Алијанса, а заменик-министерот за одбрана во Советот на министри, Александар Гогановиќ, изјави дека на состанокот со членовите на Комитетот на заменици на постојаните претставници во седиштето на НАТО во Брисел јасно и недвосмислено го кажаал ставот на РС дека соработката со НАТО е прифатлива, но не и членството на БиХ.

Гогановиќ истакна дека е многу важно да се нагласи оти претставниците на НАТО на вчерашната средба јасно и недвосмислено изјавиле дека Програмата за реформи не го прејудицира членството на БиХ во НАТО, туку соработката и дека разбираат оти прашањето за членството е чувствителна тема во БиХ како и дека за тоа нема да разговараат ниту ќе инсистираат на членство.

Тој посочи дека јасно кажале оти ова е прашање за кое треба да разговараат домашните политичари и дека знаат оти во моментов нема политички консензус за членство во БиХ.

„Потсетив дека Програмата за реформи од 2019 година, документ усвоен од Претседателството на БиХ кога српскиот член беше Милорад Додик, е основата на односите меѓу БиХ и НАТО и дека е јасно дефинирано оти БиХ е за соработка со НАТО, но не и за интеграција“, изјави Гогановиќ.

Тој ги коментираше пишувањата на медиумите од федерацијата дека членовите на Постојаниот комитет на НАТО се договориле да се создаде нов статус за земјите кои, како што наведоа, претендираат да влезат во Алијансата и официјално да ги назначат Украина, БиХ и Грузија како кандидати за НАТО.

Додик истакна дека БиХнема да влезе во НАТО, имајќи ја предвид досегашната процедура и законот според кој Парламентарното собрание треба да донесе таква согласност.

„Таков договор нема и никогаш нема да има. Заедно со Србија остануваме воено неутрални и Босна и Херцеговина не е земја кандидат за НАТО, ниту пак ќе биде членка на НАТО“, нагласи тој, потсетувајќи на агресијата на НАТО врз Република Српска и Србија, и нагласувајќи дека во бомбардирањето бил користен осиромашен ураниум и дека биле убиени жени и деца.

Министерот за внатрешни работи на Република Српска, Синиша Каран, изјави дека РС се придржува до политиката на воена неутралност, што е потврдено и со официјални документи, и потсети дека НАТО ги бомбардира Србите и дека тоа е доволно јасна причина за отфрлање членство во оваа алијанса.

Каран посочи дека тоа е етичка, историска и културна позиција.

„Тие беа на спротивната страна. Го бомбардираа нашиот народ. Воената неутралност е стратешка определба и политика на Република Српска“, нагласи Каран.

Слични содржини