Како дел од редовната проверка на производите, Фитосанитарната инспекција на Република Српска (РС) забрани увоз на пратка од 400 килограми сливи со потекло од Македонија, бидејќи утврдени се остатоци од пестициди над пропишаното максимално ниво, велат од тамошниот државен инспекторат за „Срна“.
Контролата на овошјето и зеленчукот во РС се врши при увоз, со цел да се утврди дали е здрава и безбедна за човечка употреба, а најголем ризик кај овие производи е нелегалното количество пестициди, микотоксини и тешки метали, а тоа се параметрите на кои се вршат лабораториски анализи.
Инспекторатот изјави дека во првата половина на оваа година, при увозот, надлежната инспекција зела 607 примероци овошје, зеленчук и житни култури за исхрана на луѓето за потребите на лабораториско испитување.