Рускиот претседател, Владимир Путин денеска изјави дека постои вистинска шанса за ставање крај на судирите во Сирија, додавајќи дека решението ќе бара отстапки од сите учесници во судирите, вклучително и од сириските власти на претседателот Башар ал Асад, јавуваат светските агенции.
Путин ова го истакна во своето обраќање во Сочи, на отворањето на мини-самитот посветен на Сирија, на кој учествуваа претседателите на Турција и на Иран, Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рохани.
– Сирискиот народ треба сам да ја одреди својата иднина…очигледно е дека тој процес нема да биде едноставен и ќе бара компромиси и отстапки од сите учесници, вклучувајќи ја и сириската влада – рекол Путин.
Тој додал дека Москва, Техеран и Анкара ќе преземат најактивни напори овој процес да биде што е можно попродуктивен.
Судирите меѓу сириските владини сили и опозициските бунтовници траат од 2011 година.