„Роденденот на Ахмети“: Груби прв ја платил казната од 20 евра

од Nikola Popovski

Министерството за внатрешни работи им испратило казнени налози за прекршување на мерката за носење маски во затворен простор на 15 функционери на ДУИ, по повод славењето на роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според информациите, вицепремиерот Артан Груби веќе ја примил казната и ја платил по електронски пат.

Казните се по 20 евра, а, како што пренесоа дел од медиумите, како и за сите граѓани, така и за функционерите, важи правилото дека ако ја платат казната во рок од една недела, ќе им се намали на 10 евра.

Меѓу првите кои ја ја добиле белешката за глоба е заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, а меѓу последните кому му е доставена белешката е претседателот на Собранието, Талат Џафери, кому му е однесена дома во гостиварско Форино, објави ТВ Телма.

Функциинерите од ДУИ, како што се најавува, би можеле да бидат дополнително казнети и за прекршување на забраната за собирање, а би можеле да се соочат и со кривична пријава за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.

Државниот инспекторат за труд утре ќе го доврши вонредниот надзор и ќе утврди дали е прекршен протоколот за превентивни мерки на сите работни места донесен од владата каде го гласале и дел од министрите што не го почитувале.

Слични содржини