Русија му го продолжи притворот на новинарот Еван Гершкович до 30 јуни

Гершкович веќе е во притвор околу една година од неговото апсење во март 2023 година во рускиот град Екатеринбург под обвинение за собирање државни тајни на руската војска од име на американската влада

од Бети Божиноска

Московскиот суд во вторникот му го продолжи притворот на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, до крајот на јуни. По сослушувањето од обвинителите, притворот на Гершкович беше продолжен до 30 јуни, пренесува ТАСС.

Гершкович веќе е во притвор околу една година од неговото апсење во март 2023 година во рускиот град Екатеринбург. Руските власти го обвинија Гершкович, кој е американски државјанин, за собирање државни тајни на руската војска од име на американската влада.

САД, групите за слобода на медиумите и работодавачот на Гершкович во „Волстрит журнал“ сметаат дека тој е неосновано приведен.

Родителите на новинарот, Ела Милман и Михаил Гершкович, присуствуваа на обраќањето до нацијата за Состојбата на нацијата на претседателот Џо Бајден на Капитол Хил претходно месецов.

Издавачот на „Волстрит журнал“,Алмар Латур, и главвниот уредник Ема Такер рекоа дека појавувањата на суд се „неосновани постапки кои лажно го прикажуваат Гершкович како нешто друго од она што е, а неговото неосновано притворање останува несовесно.“

„Неделава обележуваме една цела тешка година (од неговото притворање) и се обидувамеда допреме што е можно повеќе луѓе со приказната на Еван, ќе продолжиме да правиме се што е во наша моќ за да го обезбедиме неговото ослободување. Вниманието и интересот охрабруваат, и сите ние мораме да бидеме сигурни дека ќе го задржиме Еван во фокусот онолку долго колку што е незаконски притворен “, напишаа тие во соопштението.

Администрацијата на Бајден работеше на обезбедување размена на затвореници за да го ослободи Гершкович, но договор допрва треба да се постигне. Разговорите ги усложува и фактот дека Русија држи и други американски затвореници, вклучувајќи го и поранешниот маринец Пол Вилан, кој е затворен од 2018 година, и Алсу Курмашева, руско-американска новинарка на „Радио Слободна Европа/Радио Либерти“, која беше уапсена во октомври минатата година.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во декемвриско интервју со поранешниот водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, дека се надева оти наскоро ќе се постигне договор за ослободување и на Вилан и на Гершкович.

Слични содржини