Русија повторно ќе купува девизи за своите девизни резерви

од Stefanija Kuzmanovska

Русија може да почне да купува девизи за своите девизни резерви веќе во мај, а најверојатна опција е кинескиот јуан, дознава Блумберг.

Агенцијата проценува дека на почетокот на секој месец Москва ќе купува јуани во вредност од околу 182 милиони евра.

Кинескиот јуан, поради западните санкции, е главната странска валута што Русија ја користи за трансакции.

„За пазарот е важно државата да почне да акумулира финансиски резерви наместо да троши пари, тоа може позитивно да се одрази на руската рубља“, вели аналитичарката на корпорацијата „Фридом холдинг“, Наталија Милчакова.

Зголемените приходи од нафта, и покрај санкциите од Западот, успеаја да ја стабилизираат руската економија и да и дозволат повторно да купува странски валути за прв пат од јануари 2022 година.

Според експертите на Блумберг, веројатноста Русија да почне да купува девизи во мај е 65 отсто, а веројатноста тоа да се случи во јуни е 80 отсто.

„Купувањето на девизи ќе започне во јуни, но во многу мал обем“, смета економистот на руската компанија „Локо инвест“, Дмитриј Полевои.

Слични содржини