Русин открил како преживеал напад од поларна мечка: Не смеев да викам додека ме гризеше (видео)

од Nikola Popovski

Русинот Владимир Слепчов (50) преживеал напад од поларна мечка.

Ловецот се соочил со мечката на еден остров во Арктичкиот океан. Дошол, како што наведува, да го провери кампот за ловџии, и кога се приближи до сауната, од неа излегла поларна мечка со две младенчиња и го нападнала, а тој, како што им изјавил на руските медиуми, паднал и се преправал дека е мртов, сè додека мечката не замине.

„Прво ги видов уништените куќи во кампот каде чувавме храна. Остатоците од храна беа расфрлани на сите страни. Одеднаш огромна поларна мечка со две младенчиња излета од вратата на сауната, која, судејќи според нејзината големина, била стара околу една година“, рекол тој.

Тој продолжил да објаснува дека бил без оружје и дека се обидел да ја усмрти со парче железо што го нашол на снегот, но ја промашил.

„Таа истрча кон мене и ме погоди со канџа во градите. Летнав наназад неколку метри. Штом станав, повторно ме нападна. После тоа не можев да станам. Лежев на грб додека ми пријде и мислев дека сега ќе ми го раскине лицето, па затоа го покрив со раце“, изјавил тој за руската телевизија РЕН.

Кога таа почнала да му ги гризе рацете, тој се свртел на стомакот и потоа започнала да го гризе на задниот дел од нозете. Видел како неговата крв капе на снегот и слушнал страшна бучава.

“Кога таа почна да ме гризе, се сетив на мојот деветгодишен син кој ме чекаше дома. Му ветив дека ќе се вратам и морав да го чувам. Не смеев да врескам. Решив да се преправам дека сум мртов. Почувствував силен удар на грбот, а потоа уште еден “, вели Слепчов.

На крајот тој се онесвестил и мечката помислила дека е мртов и заминала со младенчињата.

Инаку, овој камп се користи само во текот на летото, па немало кој да му помогне на Владимир, кој се здобил со повреди на главата, раката и ногата во нападот на мечката. Сепак, тој успеал да ги повика членовите на семејството кои потоа контактирале со службите за итни случаи. Тој бил пренесен со хеликоптер од островот во најблиската болница на копното, во Тикси, Сибир.

Лекарите потврдиле дека Слепчов во моментов е стабилен, но ќе мора да помине уште неколку недели во болницата.

Слични содржини