Рускиот Врховен суд нареди затворање на водечка организација за човекови права

од Milan1

Врховниот суд на Русија денеска пресуди дека најпознатата организација за човекови права во земјата, позната како „Меморијал“, мора да биде затворена поради кршење на законот со кој се бара таквите групи да се регистрираат како странски агенти.

Новинската агенција Интерфакс го цитираше адвокатот на „Меморијал“ дека тужбата е политички мотивирана и дека ќе поднесе жалба, како во Русија, така и пред Европскиот суд за човекови права.

Минатиот месец, обвинителите ги обвинија московскиот центар за човекови права „Меморијал“ и „Меморијал Интернационал“, за кршење на законот за странски агенти, барајќи од судот да ги затвори.

Обвинителите особено истакнаа дека „Меморијал Интернационал“ ги прекршил прописите со тоа што не ги означувал сите свои објави, вклучително и објавите на социјалните мрежи, со ознаката пропишана со закон.

Тие го обвинија и центарот со седиште во Москва дека одобрува тероризам и екстремизам, пренесува Танјуг.

Зборувајќи на последното рочиште, државниот обвинител изјави дека „Меморијал“ организирал големи медиумски кампањи со цел да ги дискредитира руските власти.

Руските власти ја ставија групата на официјалната листа на „странски агенти“ во 2015 година.

Слични содржини