Руското МНР: Најмалку двајца загинати и 15 ранети во експлозијата пред аеродромот во Кабул

од Nikola Popovski

Најмалку две лица загинаа денеска, а 15 се ранети во самоубиствен бомбашки напад пред аеродромот во Кабул, објави Министерството за надворешни работи на Русија.

Сведок на експлозијата, Авганистанецот Адам Кан рече дека „се чини дека неколку луѓе се убиени или ранети“.

Кан изјави дека експлозијата се случила во маса луѓе кои чекале да влезат на аеродромот и додаде дека некои останале без делови од телото.

Претходно, американското министерство за одбрана потврди дека експлозијата се случила пред аеродромот во Кабул, каде илјадници луѓе се уште чекаат да бидат евакуирани со авиони од западните земји.

Пентагон не даде информации за можни жртви.

Неколку западни земји, вклучувајќи ги и САД, синоќа предупредија на можноста за напад на аеродромот во Кабул, во последните денови од евакуацијата и ги повикаа луѓето да ја избегнат областа.

Меѓутоа, голем број луѓе кои сакаат да побегнат од Авганистан, плашејќи се од нови владетели, талибански екстремисти, го игнорираа повикот, бидејќи операцијата за евакуација мора да заврши до 31 август.

Очигледно, за нападот ќе биде осомничен авганистанскиот огранок на екстремистичката група Исламска држава, а не Талибанците, чии членови се на влезот на аеродромот, со цел да спречат ситуацијата да излезе од контрола поради големата гужва.

Аеродромот во Кабул во последните десет дена беше место на шокантни сцени поради хаотичниот крај на најдолгата американска војна и враќањето на Талибанците на власт по 20 години.

Некои земји ја завршија операцијата за евакуација од Кабул и почнаа да ги повлекуваат своите војници и дипломати.

Талибанците ветија дека нема да ги нападнат западните сили за време на евакуацијата, но инсистираат на тоа дека сите странски војници мора да го напуштат Авганистан пред 31 август, рок што го определија самите САД пред исламската екстремистичка група да ја преземе власта во земјата.

Слични содржини