САД јасно порачаа: Нема долгорочно решение без формирање на палестинска држава

од Vladimir Zorba

Нема начин да се решат долгорочните безбедносни предизвици за Израел и краткорочните предизвици за обнова на Газа без формирање палестинска држава, изјави во четвртокот портпаролот на американскиот Стејт департмент – Метју Милер.

Говорејќи на брифинг со новинарите, Милер рече дека Израел има можност токму сега бидејќи земјите во регионот се подготвени да му дадат на Израел безбедносни гаранции. „Нема начин да се реши нивниот долгорочен предизвик за постојана безбедност и краткорочниот предизвик за обнова и нова власт во Газа без формирање на палестинска држава“, рече тој.

Соединетите држави ги дадоа своите коментари откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција рече дека му рекол на Вашингтон дека се противи на каква било палестинска државност што нема да дозволи Израел да има безбедносна контрола на целата територија.

„Јасно кажувам дека во каков било аранжман во догледна иднина, со или без договор, Израел мора да има безбедносна контрола врз целата територија западно од реката Јордан. Тоа е неопходен услов“, рече Нетанјаху во Тел Авив. Тој додаде дека недостатокот на палестинска државност не застана на патот на договорите за нормализација со арапските држави пред неколку години и дека сè уште има намера да додаде повеќе земји во тие договори.

Израел и неговиот најголем поддржувач, САД, сега се чини дека се во спор. Нетанјаху и неговата десничарска коалициска влада во голема мера го отфрлаат формирањето на палестинска држава, иако Вашингтон тврди дека решението со две држави е единствениот остварлив начин за постигнување траен мир во регионот, објаснува Ројтерс.

Слични содржини