Салиу: Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ знае дали документите за лажни анкети се фалсификувани

од Nikola Popovski

Новинарот Фуркан Салиу од ПорталХ вчера во вториот дел од неговата сторија насловена како „Пропаганда, лажни вести и злоупотреба на лични податоци“ им порача на ВМРО-ДПМНЕ за автентичноста на документот што го поседуваат, да побараат одговор кај еден од членовите на нивниот Извршен комитет.

-20 членови на Извршниот комитет на партијата гласаа „за“, немаше „против“, но имаше седум „воздржани“. Од тие 7 прашајте ги дали објавените документи се фалсификувани. Еден од нив го знае одговорот, рече Салиу во видео-обраќање.

Новинарот пренесе и делови од записникот кој го посочуваат изворот на документот кој стигна до ПорталХ.

-Втората точка од тој состанок ‘Подготовка за претстојните избори’, на која претседателот на партијата го информираше ИК на ВМРО-ДПМНЕ дека согласно Статутот на партијата за време на одржување на изборите потребно е да се формира Републички изборен шатб, а имајќи ја предвид сериозноста на претстојните избори ја презема одговорноста на себе да биде шеф на Републичкиот изборен штаб, а за негов заменик го предлага генералниот секретар Ѓорѓија Сајковски и отвори доскусија по предлогот, цитираше Салиу дел од записникот.

Откако новинарот излезе со сторија за Оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ каде се гледа како ВМРО-ДПМНЕ спроведувала оперативен план меѓудругото и за креирање на лажни вести, со документи излезе и владејачката СДСМ.

Според владеачката партија, на објавените документи се гледа дека дел од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ имал задача да креира лажни вести и да реализира анкети. Задолжен за тоа освен шефот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Луке Галевски, бил и Владимир Божиновски сопственик на Агенцијата ИПИС која од 31 јануари па до денес прави анкети за МТВ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски порача дека СДСМ бесрамно фалсификува документи.

-Недостоинствено за владејачка партија е да се служи со црна кампања од ваков најнизок формат. СДС се служи со груби лаги, со фалсификувани документи, со коишто освен што врши недостоинствен напад врз опозицијата, туку во стилот на тоталитарните режими, го нападна јавниот сервис, ги нападна агенциите за мерење на јавното мислење, го спори расположението на граѓаните. Во истата насока ова доаѓа по низа напади врз медиумите затоа што објавувале за криминални и недозволени скандали за владејачки функционери и институции, порача тој, додавајќи:

„Датумот на фалсификуваниот документ е 5 декември 2024 година, осум месеци во иднината. Што значи или се повикуваат на датумот 5 декември 2023 на состанокот на ИК по којшто соопштивме дека претседателот Христијан Мицкоски ќе го предводи РИШ или целосно се одлепени од реалноста“.

Слични содржини