Се е подготвено за пописот: За помалку од една недела започнува првата фаза

од Nikola Popovski

„Од Државниот завод за статистика утрово не информираа дека подготовките за пописот одат во најдобар ред. За помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението“, објави министерот за правда Бојан Маричиќ откако утрово бил информиран од Државниот завод за статистика дека подготовките за пописот одат во најдобар ред.

Според него, тоа што е многу важно е дека „Евростат“ и директно потврди дека Законот за попис и методологијата се во согласност со ЕУ законодавството, односно највисоките стандарди за спроведување на ваква статистичка операција.

„Сметам дека по ова треба да престанат сите деструктивни обиди за саботирање на пописот. Потребно е да се обединиме и конечно да почнеме заеднички да работиме за доброто на државата. Апелирам сите чинители својата политичка енергија да ја трошат во развојот и просперитетот на земјата. Тоа им го должиме на граѓаните“, стои во објавата на Маричиќ.

В понеделник, на 1 март, еден месец пред останатите, започнува запишувањето на неколку категории граѓани – припадниците на Армијата, вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, затворениците, бездомниците, но и оние државјани што живеат надвор од земјава.

Постапката ќе трае од 1 до 15 март, а ќе ја спроведат 30-ина вработени во Државниот завод за статистика. Лицата што се на привремена работа или престој во странство, а имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, од први март до 21 април ќе се самопопишуваат преку апликација што наредниот понеделник ќе биде објавена на веб-страницата на Статистика, со претходна регистрација.

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски денес соопшти дека пописот дефинитивно ќе се спроведе во месец април.

„Тој е неопходен на државата. Секој граѓанин треба да придонесе да се спроведе оваа значајна статистика операција која ќе даде податоци важни за проектирање стратешки планови за натамошен развој на државата. Методологијата е дефинирана, сите подготовки се во тек. Од 1-ви почнува попишувањето на нерезидентното население така што она што е извесно е дека оваа статистичка операција ќе се спроведе, изјави Арсовски одговарајќи на новинарско прашање“.

Слични содржини