Се урна руски авион во Авганистан: Во тек е потрагата по остатоците, објавено е за кој авион се работи

од Vladimir Zorba

На северот на Авганистан се урнал авионот „Фалкон 10“, впишан во регистарот на цивилни авиони на Русија, а според првичните информации, во авионот имало четворица членови на екипажот и двајца патници, пренесува руската агенција Интерфакс.

Според податоците на руската Федерална агенција за воздушен транспорт, авионот извршувал итен чартер лет на релација Гаја, Индија, преку Ташкент, Узбекистан, до Жуковски, Московскиот регион, Русија.

Авганистанската полиција соопшти дека добила информација за падот на авионот во провинцијата Бадакшан, во непристапна планинска област, пренесе Ројтерс.

Авионот престанал да комуницира синоќа, додека бил во воздушниот простор на Авганистан, во близина на границата со Таџикистан и исчезнал од радарските екрани, објави денеска руската Федерална агенција за воздушен транспорт на својот канал „Телеграм“.

„Според првите податоци, во авионот имало шест лица – четворица членови на екипажот и двајца патници“, се наведува во соопштението.

Потрагата по леталото е во тек, а Росавија е во контакт со воздухопловните власти на Авганистан и Таџикистан. Како што пренесува Хама прес, повикувајќи се на локалната администрација, авионот скршнал од првобитниот курс и удрил во планинскиот терен во регионот Зебак.

Слични содржини