Секој со своите адути на двојните избори: Дали Таравари го „распадна“ Европскиот фронт?

од Nikola Popovski

Секој со своите адути – вака барем засега, може да се заклучи претседателската трка за претстојните избори. Очигледно Европскиот фронт меѓу СДСМ и ДУИ нема да биде заедно при изборот на претседател на државата. Ова следува откако министерот и член на ДУИ, Артан Груби потврди дека претседателот Стево Пендаровски не може да се надева на поддршката на ДУИ во првиот круг од изборите. Најави дека неделава ќе се обелодени името на претседателскиот кандидат на партијата од Мала Речица. Во однос на објавите во медиумите дека Бујар Османи ќе биде претседателски кандидат на ДУИ, Груби рече дека тој би бил одличен кандидат, но дека за ова не е разговарано, ниту е одлучено во партијата.

Се размислува за поддршка за кандидатот на СДСМ во вториот изборен круг, како и заеднички листи за парламентарните избори, но засега се е во сферата на шпекулација. Дел од јавноста оценува дека Европскиот фронт не беше формална коалиција за да пропадне. Според новинарот и аналитичар на состојбите, Зоран Бојаровски тоа е повеќе идеолошки концепт на партии кои имаат заеднички приоритети првенствено во однос на потребата од итна деблокада, односно од континуитет на евроинтеграцијата на нашата земја затоа што во тоа гледаат можности за решенија на многу актуелни прашања меѓу кои најважни се бобрата против корупцијата и реформите за владеење на правото.

-Останува уште отворено дали и на кој начин ќе го формализираат концептот за некаков заеднички настап на изборите. Оттаму, и до рокот до кога треба да бидат пријавени кандидатите за претседателски избори не остава простор во меѓувреме да се направат последните анализи, проценки и стратегии која партија како и со кои кандидати ќе настапи на претседателските избори, вели Бојаровски за „Локално“.

Зоран Бојаровски

За најавеното „дерби“ во ИЕ1 меѓу Ковачевски, Мицкоски, Апасиев, Арсовска и кој ќе биде победи, а кој би доживеал дебакл, Бојаровски смета дека аутсајдер е градоначалничката.

-Ова е едноставно прашање, бидејќи со одлуката да биде носител на листата на Нова Алтернатива, Данела Арсовска почна да ја испишува последната страница од својата политичка кариера. Тоа самата си го направи со катастрофалните резултати како градоначалничка. Дополнително, на локалните избори на чело на Скопје ја донесе ВМРО-ДПМНЕ, партија која овој пат жестоко ќе ја нападне по многу основи. Со дебаклот на Арсовска на претстојните избори максимално диополнително ќе наруши нејзината позиција како градоначалничка и прашање е како ќе ја врши таа функција со довербата на граѓаните која е отидена во минус.

Интересна ќе биде битката меѓу Апасиев и Мицкоски, бидејќи на претходните избори симпатизерите ВМРО-ДПМНЕ голем дел од своите гласови му дадоа на лидерот на Левица со изговорот дека партијата на Мицкоски не е, односно не беше, доволно радикална особено кон СДСМ. Сега жестоката кавга меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, прво, има за цел да си ги врати гласовите што отидоа кај Апасиев, а второ да им покаже на своите симпатизери дека исто толку жестока е и кон СДСМ. Мојата проценка е дека во однос на Левица нема да има промени кон подобар скор во единицата, истакнува Бојаровски.

Хипотетички дали може Мицкоски да го поддржи Таравари за претседател, додека албанскиот опозициски блок да го поддржи Мицкоски за премиер, соговорникот вели дека прескап би бил еден таков дил меѓу Мицкоски и Таравари.

-Прво, за Мицкоски тоа би било уште едно „салто мортале“ откако го убедуваше своето членство во „победа со 61“ на изборите за да диктира услови под кои ќе прифати коалиција во можбната нова Влада, а сега уште не почнати изборите излегува со понуди да прифати партија на Албанците во изврѓната власт ако воопшто ги добие изборите

Второ, Таравари изјави дека уште не е сигурен дека тој и она што остана од Алијанса на Албанците се подготвени да влезат во некаков договор со ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели „ставовите на Мицкоски“ се конфузни и уште вели „имам дилеми за наредната Влада која би била предводена од Мицкоски. Нашите приоритети од 1 до 10 се јасни, тоа е европскиот пат, почнување на преговори преку уставни измени, сѐ друго е после тоа“.

Сега Мицкоски хермафодитира и изјавува дека со Таравари се добри пријатели, иако паметиме дека неговата ВМРО-ДПМНЕ жестоко го напаѓаше за „наводната куќа во Тафталиџе“, кога се зајакнуваше мнозинството во Собранието.

Тешко дека Мицкоски ќе може да објасни како ќе ги започне уставните измени уште вториот ден од неговата премиерска функција, ако воопшто ја добие, кога целата негова политичка стратегија се засноваше на преиспитување на преговарачката рамка со ЕУ која ќе биде повторно ставена во функција само откако ќе поминат уставните амандмани за вклучување на Бугарите и остантите заедници во Уставот, тврди Бојаровски.

Рано е да се каже, додава новинарот, за тоа дали кандидатурата на Таравари го промени текот на двете изборни кампањи.

-Освен тоа расцепот во Алијанса за Албанците дополнително го комплицира кампусот на гласачите Албанци во Македонија. Таравари ќе се најде и во фрустрациите што ќе произлезат од фрагментирањето на гласачкото тело на Албанците која е евидентна со стапувањето на сцена на „Европскиот сојуз за промени“. Тие ќе бидат фокусирани да организираат напади на ДУИ, но мислам дека беше многу кратко времето за консолидација на една таква стратегија, укажува Бојаровски.

На прашањето каде го гледа Зијадин Села во сета оваа комбинаторика, соговорникот оценува дека СДСМ има јасна позиција во однос на принципите околу кои е можна соработка во фазата на претстојните изборите.

-Евроинтеграциите и продолжување на реформите, накратко, се столбовите на кои се гради тоа партнерство. СДСМ, како водечка партија во досегашната владеачка коалиција стекна искуство кога е во прашање функционално одржување и обединување на партнерите кога тие се собрани околу тие принципи. Многу е поедноставено да се каже дека ќе се доведе во ситуација да биде „ослабена позицијата на македонскиот партнер во оваа коалиција“.

Треба да се напушти аголот на кој коалицирањето се гледа само како интерес на политичките партии. Врвен интерес треба да бидат стратегиските интереси на државата и на граѓаните и најдобриот начин како тие да се остварат. Кога така му се пристапува на ова прашање, согласноста да бидат најадени и спроведени најдобрите одговори е енергијата којашто треба да обедини, заклучува новинарот.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Берат Азизи очекува дека Европскиот фронт може да пропадне, ако нема договор меѓу ДУИ и СДСМ. Сепак европскиот фронт како поим не верува дека ќе пропадне бидејќи не само ДУИ и СДСМ се за Европа, туку сите други политичките партии, иако избираат друг пат.

-Мислам дека партиите што се во Владата не можат да настапат на претседателски избори со заеднички кандидат бидејќи се плашат дека кај гласачите нема да бидат прифатени. Албанците најверојатно не се спремни да гласаат за кандидат Македонец во време кога веќе има и кандидат Албанец, а од другата страна гласачкото тело на СДСМ никако не е спремно да гласа за кандидат Албанец  од редовите не ДУИ, имајќи го во предвид менталитетот на граѓаните, вели Азизи за „Локално“.

Берат Азизи

За битката во Првата изборна единица, соговорникот вели дека во предност ќе биде Мицкоски базирајќи се на сите анкети кои им даваат голема предност на ВМРО-ДПМНЕ.

-Овој пат мислам дека аутсајдер ќе биде Апасиев, но не се исклучува можноста и Арсовска да доживе дебакл поради нејасниот став што го има кон најголемите политички партии. Од друга страна Ковачевски ќе има слаб резултат во ИЕ1 поради тоа што се уште е под сенка на Заев бидејќи тој лично мислам дека не се договорил со коалициските партнери туку се договорил со Заев, тврди Азизи.

Според него, Мицкоски и Таравари можат да гледаaт кон Вила Водно и кон „Илинденса“, но нема да го поддржат кандидатот на едната или друга партија, барем во текот на изборите.

-ВМРО нема да поддржи Таравари за преседател на државата , а после изборите на маса се многу опции, а едната од тие е и Таравари да го поддржи Мицкоски за премиер бидејќи сака промени. Кај албанскиот блок мислам дека кандидатурата на Таравари го промени текот на двете изборни кампањи од фактот дека сега ако и ДУИ именува кандидат за претседател, тоа е само за да ги измерат силите пред парламентарните зибори. Двата албански блока се во трка за неутралниот електорат кој многу може да се промени по првиот круг на претседателските избори. Милсам дека тука е играта, а кај македонскиот блок малку го промени текот бидејќи Албанците нема до поддржат кандидат Македонец на што се надеваше СДСМ и ВМРО, порачува Азизи.

На сета оваа комбинаторика, додава тој, Села го гледам во коалиција со ДУИ бидејќи нема друга опција.

-Ако оди сам на избори ќе добие само еден пратеник и тоа е под знак прашалник. Мислам нема друг избор освен да оди во коалиција со ДУИ и со СДСМ, но ова нема да го прифати Ковачевски, по што нема да има многу простор за сите, ни кажа аналитичарот.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека во моментов се работи за определување на кандидати и листи со коалициските партнери со кои ќе одат на избори и со кои веќе обезбедиле членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.

-Тоа се партии со кои немаме преговори, но може да имаме разговори врз основа на анализи кои се прават според емпириски истражувања. Се работи за партии кои се дел од владеачката коалиција со СДСМ, а не биле на заедничките листи на последните избори во 2020 година, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.

Бившиот премиер истакна дека не знае што се случува во ДУИ во пресрет на изборите.

Н.П.

Слични содржини