Шаќири: Посветени сме на забрзувањето на дигиталната трансформација

од Берта Китинска

„МИОА во целосна координација со Владата на Република Северна Македонија, ги постави своите цели во процесот на дигитализација на земјата. Наша цел е да промовираме понатамошни мерки за помош на ИТ секторот, за да може овој сектор да го продолжи својот раст без никакви пречки“, рече министерот на информатичко општество и администрација, д-р Јетон Шаќири, во воведниот говор на онлајн Регионалниот форум за иновации организиран од Меѓународната телекомуникациска унија (ИТУ) за Европа, на тема: „Развој на иновативни дигитални екосистеми кои ја забрзуваат дигиталната трансформација на клучните сектори“, со поддршка на Министерството за информатичко општество и администрација.

,,Дигиталната трансформација може да поттикне иновации и да ја зголеми продуктивноста во многу активности, да ги трансформира јавните услуги и да ја зголеми благосостојбата, бидејќи информациите, знаењето и податоците стануваат подостапни. Иновацијата и претприемништвото во ИКТ секторот се препознаваат како основна алатка за создавање работни места и економски развој во Република Северна Македонија. Истиот тренд важи и за другите земји од Западен Балкан“, додаде во својот говор министерот Шаќири.

Министерот Шаќири ја истакна посветеноста на МИОА и Владата кон процесот на дигитализација и иновации и во исто време изрази благодарност за континуираната поддршка и помош што ја нуди Европската Унија.

Овој состанок ги собра сите засегнати страни, владини претставници и претприемачи од цела Европа, за да разменат идеи и да разговараат во контекст на иновативни дигитални екосистеми, кои ја забрзуваат дигиталната трансформација во клучните сектори.

Слични содржини