Шеикот Мансур „фрли ракавица“ во лицето на Абрамович

од Stefanija Kuzmanovska

Сопственикот на Манчестер Сити, шеикот Мансур бин Зајед ал Најан, ќе ги финансира патните трошоци на своите навивачи во Порто за финалето во Лигата на шампионите, кое неговиот тим го игра против Челси. Фановите на социјалните мрежи исто така го посочуваат Роман Абрамович за сличен потег со цел да ги задоволи симпатизерите, по шокот на кој беа подложени со проектот за Европската Суперлига.

Неколку недели откако Сити се повлече од проектот на Суперлигата во Европа, сопственикот на клубот од Манчестер реши да ги привлече навивачите на друг начин, сносејќи ги трошоците за нивното патување во Португалија.

Навивачите на Манчестер Сити и Челси ќе патуваат во Порто на 29 мај за да ги бодрат своите тимови во англиското финале, откако Истанбул втор пат по ред беше „откачен“, поради лошата епидемиолошка ситуација во мечот за одлука на најелитното Европско фудбалско натпреварување.

Се чини дека половина од 12.000 англиски навивачи, како што се очекуваше на стадионот Драгао, ќе имаат малку повеќе пари во џебот, откако шеикот Мансур објави дека ќе го финансира патувањето за сите 6.000 навивачи на неговиот клуб.

Овој потег следеше по шпекулациите дека тревата на Вембли ќе биде теренот каде ќе се сретнат двата најдобри европски тима, кои набрзо паднаа во вода бидејќи УЕФА, во соработка со владата на Велика Британија, одлучи дека таквата идеја не е изводлива поради карантинските правила за персоналот за поддршка, медиуми и ВИП гости.

Веста ги разочара навивачите на Сити, но шеикот Мансур, кој важи за најбогат сопственик на фудбалски клуб во светот, рече дека трошоците за одење во Португалија овојпат ќе одат „кај него“.

„Пеп (Гвардиола) и неговиот тим имаа извонредна сезона, и да се стигне до финалето во Лигата на шампионите по многу предизвикувачка година е историски момент за клубот“, рече тој и додаде: „Затоа, исклучително е важно што повеќе навивачи да присуствуваат на овој посебен натпревар. Особено оние кои го поддржуваа Манчестер Сити толку долго, и за време на добрите и лошите денови “.

Сепак, некои навивачи го поздравија овој потег како циничен трик за да влијаат на поддршката на клубот по крајно непопуларниот потег во април, кога челниците на Манчестер Сити еднострано одлучија да ги вовлечат повеќекратните шампиони во Премиер лигата во омразениот проект на Суперлигата на Европа.

После Челси, Манчестер Сити беше првиот англиски клуб кој се повлече од оваа непопуларна идеја, што го навлече гневот на медиумите и љубителите на фудбалската игра, а некои навивачи го сметаа последниот потег на Шеикот Мансур како ефтин трик за да заборават на неодамнешниот „нож во грб“.

Еден навивач забележа на Твитер дека потегот доаѓа само четири недели откако милијардерот „се обиде да ја продаде душата на клубот“, нешто што другите тврдат дека „луѓето го заборавиле“.

Интересна е и објавата на еден навивач кој се фокусираше на сопственикот на Челси, Роман Абрамович, прашувајќи се дали Русинот ќе реши да биде дарежлив пред финалето во Лигата на шампионите: „Ти си на потег, Абрамович“, напиша тој.

Слични содржини