Шек ослабе по опсесијата со сендвичи: Не сум ги видел стомачните мускули од 2006-та (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Шекил О’Нил, легендарниот НБА центар и според многумина најдоминантниот играч досега, со години живеел на сендвичи – појадок, ручек и вечера. Сепак, една објава на Инстаграм целосно го шокираше и реши да се промени.

Четирикратниот НБА шампион изјави дека поради таквиот начин на исхрана „прерано остарел“ и дека „почнал да изгледа старо, што воопшто не го сакал“.

„Си реков, сакам последен пат да ја соблечам маицата на Инстаграм. Видов 70-годишник на Инстаграм и имаше мускули насекаде. Тогаш решив да ја сменам брзината“.

О’Нил истакнува дека целосно го елиминирал лебот, слатките колачиња среде ноќ и специјалните колачи кои ги јадел цело време.

Тоа го направи пред само шест месеци и веќе има резултати. Во интервју за „Men’s Journal“, О’Нил откри дека почнал да јаде овошје, протеински шејкови, салати, риба, пилешко и авокадо или друг зеленчук во мали порции.

Не само што оваа промена во исхраната доведе до тоа да изгуби помеѓу 12 и 15 килограми, туку повторно ги виде стомачните. Според негово признание, тој ги нема видено 20 или 30 години.

„Не сум ги видел откако бев во Мајами Хит во 2006 година“, успеа конечно да се сети.

О’Нил истакна дека станал лично мотивиран да го промени својот начин на живот по серијата големи загуби минатата година. Тој ја загуби својата сестра Ајша Харисон-Џекс и добриот пријател и поранешен соиграч од Лејкерс, Коби Брајант.

„Мојата сестра почина пред Коби. Потоа Коби почина и уште 28 луѓе што ги познавам, 2020 година беше многу лоша година и не сакав да правам ништо. Кога не сакате да правите ништо и се трудите да се држите подалеку од неволја, има две работи што можете да ги направите: Јадете и гледате серии“, беше искрен Шек.

Одеднаш, О’Нил реши целосно да се промени. Открил дека почнал да јаде подобро, а тоа довело до многу подобри одлуки.

„Мојот проблем е што отсекогаш сум бил човек за сендвичи. Сендвич за ручек, сендвич за вечера, па дури и за ужина. И со се што се случи минатата година, не можев да заспијам. Ќе се разбудев во три часот наутро и ќе направев сендвич, а потоа во пет наутро повторно ќе направев сендвич“.

Откако го промени начинот на исхрана, следеше уште една голема промена. Повторно стана редовен во теретана, исто како и во играчките денови.

„Прво правам 20 минути кардио тренинг, потоа малку гради, бицепс, трицепс, чучњеви и потоа завршувам. Од половина час до 45 минути на ден, плус кардио – тоа е околу еден час на ден. Сè уште имам лоши колкови и лоши зглобови, па не можам да скокам и да трчам наоколу. Следното нешто што ќе го пробам е џогирање“, објасни О’Нил.

За крај, да споделиме една реченица упатена до Чарлс Баркли, која е духовита преработка на познатата американска поговорка.

„Еден час работа дневно го снемува стомакот на Чарлс Баркли“, рече Шек и ги насмеа сите.

Слични содржини