Шилегов: Ќе се подигне спомен-обележје пред куќата на Конески на Водно

од Nikola Popovski

Се радувам што Град Скопје со низа активности се вклучи во одбележувањето на овој наш значаен јубилеј. Ќе се обидам да набројам само дел од нив: финансиравме издавање на книга „100 песни на Конески“; ја поддржавме неодамнешната трибина во Културно-информативниот центар во негова чест, како што го поддржуваме и овој денешен собир; во тек е постапката за подигнување спомен-обележје пред куќата на Конески на Водно и, за крај, посебно сум горд што еден од најцентарските булевари веќе го носи името Блаже Конески, изјави денеска градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов на тркалезната маса „Разговори со Конески“, која се одржа во дворот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Со своето дело и со својот лик, додаде тој, Конески прерасна во култна личност на македонскиот дваесетти век.

На трибината присуствуваа и директорката на Институтот „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, професорите Вера Антиќ, Људмил Спасов и Благица Петковска, како и матурантите од средното училиште „Никола Карев“.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска, нагласи дека конечната кодификација на македонскиот литературен јазик што ја изнесе Блаже Конески во изминатите децении покажа дека може да се користи во сите сфери на општественото живеење.

– Во рамките на независната држава, тогашна федерална Македонија, Блаже Конески на своите плеќи ја изнесе, заедно со неговите соработници, конечната кодификација на македонскиот литературен јазик. Таа кодификација покажа во изминативе децении дека е конечна, дека е извонредна и дека може да се користи во сите сфери на општественото живеење и одговори на сите предизвици што ги носи животот пред нас, рече Јованова-Грујовска.

На матурантите им посака да си ги најдат своите патишта во животот, меѓутоа успешни, со кои ќе се гордеат.

Слични содржини