Што се случува во телото кога ќе го прескокнете ручекот?

од Stefanija Kuzmanovska

Работните денови може да бидат доста брзи и полни со обврски, па сосема е логично да заборавите да ручате или едноставно да не направите пауза за ручек. Но, прескокнувањето на ручекот не треба да стане навика, велат нутриционистите.

Експертот за исхрана Џен Брунинг вели дека појадокот често се нарекува најважен оброк во денот, но ручекот е исто толку важен, пишува Huffpost.

„Општо земено, корисно е да внесувате повеќе дневни калории порано во текот на денот, бидејќи имате цел ден пред вас за кој ви треба енергија“, вели Брунинг.

Прескокнувањето на кој било оброк го отежнува задоволувањето на вашите нутритивни потреби за тој ден. Без разлика на тоа колку сте зафатени, редовниот ручек ви дава енергија и сила, а е добар и за вашиот метаболизам и расположение.

Брунинг тврди дека паузата за ручек на работа може да овозможи и дружење со колегите и зајакнување на професионалните односи, што е важен дел од здравата работна средина.

Ако одвреме-навреме го прескокнувате ручекот, тоа не е толку голема работа. Но, ако тоа стане навика, вашето тело се прилагодува на „помал внес на гориво“, како што вели таа, а тоа може да биде штетно за вашето здравје.

Со текот на времето, ова може да резултира со намален метаболизам и зголемен ризик од недостаток на хранливи материи. Освен тоа, може да ја зголеми желбата за храна во вечерните часови и на тој начин да ве натера да внесувате повеќе калории.

Прескокнувањето на ручекот исто така може да доведе до помалку здрав избор на храна подоцна во текот на денот кога сте гладни.

Недоволното јадење во текот на денот може да предизвика намалување на нивото на енергија, што може да влијае на вашето расположение, продуктивност и концентрација.

„Истражување покажува дека ограничувањето на храната може да ја зголеми раздразливоста, лошото расположение, но и да ја намали мотивацијата и потенцијално да доведе до анксиозност и депресија“, објаснува Брунинг.

Што се однесува до времето за ручек, нема правило, но најдобро би било тоа да е четири до пет часа по појадокот.

Брунинг истакнува дека ако не успеете, ручекот не мора да биде нешто големо. Дури и мал меѓуоброк или закуска може да обезбеди доволно енергија за вашето тело да ги извршува своите функции.

Слични содржини