Силувано девојче во Мисисипи морала да го роди детето поради забраната за абортус

од Nikola Popovski

Во американската сојузна држава Мисисипи, по минатогодишната одлука на американскиот Врховен суд за поништување на одлуката за правото на абортус, тринаесетгодишно девојче родило бебе откако било силувано.

Девојчето од Мисисипи родило момче откако била силувана, а поради промена на законот не можела да абортира, објави американскиот магазин „Тајм“.

Мајката на девојчето сакала да ја однесе нејзината ќерка на абортус, но ѝ било кажано дека Чикаго е најблиската локација каде што може да се изврши зафатот.

Меѓутоа, Чикаго е девет часа оддалечен од Кларксдејл, Мисисипи, каде што живее девојчето, а трошоците за абортусот, заедно со патните трошоци, биле превисоки за нејзиното семејство.

Последната клиника за абортус во Мисисипи била затворена минатото лето по одлуката на Врховниот суд на САД за забрана на абортуси.

Летово, само една недела по донесувањето на одлуката, локалните медиуми во Охајо објавија дека 10-годишно девојче кое било силувано морало да отпатува во Индијана за да абортира, бидејќи абортусот бил забранет во Охајо. Човекот кој ја силувал минатиот месец е осуден на доживотен затвор.

Од одлуката, абортусот е ограничен во 14 американски држави, вклучувајќи го и Мисисипи. Се проценува дека во нив живеат 25 милиони жени на возраст од 15 до 33 години.

Во Мисисипи, абортусот е дозволен само ако силувањето е пријавено во полиција, но две од три силувања во САД не се пријавени, според информациите на непрофитните организации.

Слични содржини