Синадиновска: Главните партии си создаваат паралелни реалности зголемувајќи ја поларизацијата преку „своите“ медиуми

од Берта Китинска

Анализата на „Репортери без граници“ важи кога ја споредуваме состојбата со времињата пред 2017та, времиња што едноставно не се и не смее да бидат репер, ниту мерна единица за слобода на говор или за демократија, воопшто. Се разбира, дека споредено со периодот кога колеги лежеа по затвори, се затвораа медиуми, а после секој напишан текст имаше директни повици од владини функционери со закани до уредници и новинари, сега е подобро, вели во разговор за „Локално“, Катарина Синадиновска, претседателката на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите (СЕММ).

Таа посочува дека главните партии си имаат создадено и создаваат паралелни реалности, паралелни вистини и ја зголемуваат поларизацијата на општеството преку „свои “ медиуми.

-Ова е исклучително опасно, оти граѓаните се доведуваат во состојба на бомбардирање со полувистини, фабрикувани вести, пропаганда и партиски исплакнати соопштенија, на сметка на вистинска информација и квалитетна анализа, појаснува Синадиновска.

На денот на Слободата на медиумите стигна информација од „Репортери без граници“ дека земјава напредувала од 90-то на 57-мо место на нивниот Индекс. Има ли реален напредок во слободата на медиумите во земјава, како што на прв поглед покажува листата на организацијата?

-Организацијата има нова методологија во мерењето, тоа е едно и друго – факт е дека има сериозно назадување кај многу земји на оваа тема, првенствено од регионот. Но, и покрај тоа, медиумската слобода кај нас е значително подобрена, особено ако се споредува со времињата кои сите ги паметиме и на кои местото им е во минатото. Бројот на закани и на напади врз новинари е намален, а на хартија (велам, на хартија!) има значајни медиумски закони кои се во некаква процедура, а кои претходно не беа ни напишани. Транспарентноста на институциите е подобрена и самата комуникација со новинарите, просторот за слободна критика проширен и општо има друга атмосфера во јавниот дискурс. Каде е проблемот? Што оваа анализа важи кога ја споредуваме состојбата со времињата пред 2017та, времиња што едноставно не се и не смее да бидат репер, ниту мерна единица за слобода на говор или за демократија, воопшто. Се разбира, дека споредено со периодот кога колеги лежеа по затвори, се затвораа медиуми, а после секој напишан текст имаше директни повици од владини функционери со закани до уредници и новинари, сега е подобро. Ама прашањето е дали е тоа доволно? И одговорот е многу јасен – не. Денеска сме 2022 година и ветените системски реформи во медиумската сфера не се направени.

„Ова рангирање ја позиционира нашата држава меѓу најдобро оценетите во регионот. Владата на СДСМ во изминатите пет години покажа исклучителен демократски капацитет и почит кон медиумите и медиумските работници“, се „пофали“ веднаш премиерот Ковачевски по излегувањето на извештајот. Колку оваа Влада придонесе за „почитување на медиумите“?

-Ќе продолжам каде што застанав во одговорот на претходното прашање. Благодариме за почитта, тоа е одлично, ако Владата и премиерот го споделува, како мислење и емоција, но почит кон медиумските работници е нешто што не е ниту за споменување во демократска држава. Тоа се подразбира, веруваме сите дека тоа веќе барем не е ниту тема,и оттука не би сакала да зборуваме за почит туку за факти и конкретни забелешки што самиот Извештај ги нотира – од нетранспарентно финансирање на медиуми, преку влијанија, недоволна (иако зголемена) активна транспарентност на институциите, закани и навреди што не се санкционираат, па до заглавени медиумски закони во Собранието (на кои чекаме цели 4 години) и заглавени реформи на јавниот сервис. Ако зборуваме за овие конкретни нешта и ако притоа не се бара оправдување во неуспехот преку нефункционалноста на Собранието (гледаме дека прилично се функционални пратениците кога се работи за закони од нивен или интерес на политичките партии), тогаш почитта нема ни потреба да се потенцира и ќе биде евидентна и на дело.

Двете најголеми партии (на власт и во опозиција), според извештајот, создале паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Гледате ли перспектива за искоренување на оваа состојба и во која насока треба да се работи за да се променат работите?

-Е ова е според мене најстрашната забелешка од целиот Извештај и драго ми е што сте ја нотирале. Ова значи дека главните партии си имаат создадено и создаваат паралелни реалности, паралелни вистини и ја зголемуваат поларизацијата на општеството преку „своите“ медиуми. Ова е исклучително опасно, оти граѓаните се доведуваат во состојба на бомбардирање со полувистини, фабрикувани вести, пропаганда и партиски исплакнати соопштенија, на сметка на вистинска информација и квалитетна анализа. Но, и на сметка на вистинскиот дијалог, културата на јавна дебата (погледнете го само речникот со којшто политичките претставници „дебатираат“ по телевизиите) и суштинскиот судир на различни мислења и аргументи. Ова не е здрава демократија. Прашувате за излез… има само еден вистински излез, а тоа е реформи на самите партии кои мора да почнат да практикуваат политика на едно сосема друго демократско, ама и културно ниво, а преку тоа и еволуирање на нивниот однос со медиумите и со јавноста. Ова сега инаку, овој однос во нивната меѓусебна комуникација и ова киднапирање на јавниот дискурс со евтини препукувања и вулгарна партиска реторика е чисто понижување на неговото височество – граѓанинот.

Довербата опаѓа во медиумите генерално, а онлајн медиумите се посебно на удар и во овој извештај, кај кои има недостиг на професионализам и постои широк оптек на дезинформации. Како овие „медиуми“ кои објавуваат плагијат и прават само „копи-пејст“ со години се „провлекуваат“, без разлика кој ќе дојде на власт? Дали им одговора ваквата состојба на властодршците?

-Апсолутно дека им одговара. Па, дел од нашите критики како новинарски организации се однесуваат на фактот што преку ДИК пари за избори (преку кампањи) добиваат секакви портали што се формираат на неколку недели или месеци пред избори, без никакви критериуми. СЕММ, заедно со ЗНМ, создаде Регистар на професионални медиуми токму за да се направи јасна дистинкција на оние портали што почитуваат новинарски стандарди и критериуми наметнати од фелата (да имаат импресум, транспарентно финансирање, да имаат авторски содржини, да почитуваат даден Кодекс на новинари… итн.,) и такви кои тоа не го прават. Само зголемена саморегулација и почитување на тој процес од сите активни општествени чинители (како што сугерира и самиот Извештај на репортери без граници, но и оној на ЕУ, за напредокот на Македонија), паралелно со почитување на постоечката законска регулатива и работа на полето на медиумската писменост може да помогне и да донесе резултати на подолг рок.

„Минатата година беше релативно мирна, но новинарите редовно се мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државни тајни и лични податоци, тие можат да бидат изложени на правен притисок и кривично гонење“, се вели во извештајот за земјава. Оваа Влада воведе строги казни за закана за напад врз новинари, а нападот врз медиумските работници ќе се третира, барем според нив, исто како напад врз службено лицено. Колку „на терен“ сепак тие се почитуваат?

-Тоа се дел од законите за кои има ветувања за добра волја, ама се заглавени во Собранието, иако пред локални избори владејачката партија се пофали со дел од нив како со веќе завршени, така што се чека прво на нивно вистинско донесување, а потоа на доследна имплементација. Но, и без овие закони, државата треба да си ја почитува постојната законска рамка, каде на пример говорот на омраза е кривично дело, а заканите и навредите, заедно со нападите треба да се санкционираат. Јас лично сум била жртва на онлајн закани и навреди од иста личност две години по ред (дека „демнење“ им е сега интересен момент), која патем работи во Агенција за обезбедување и има пристап до огнено оружје, а Обвинителството после 4 години, значи четири години од првата закана (години во кои јас сум била во постојан немир) во одлуката да не се гони заканувачот пишува дека не биле доволно сериозни тие закани, а тоа што имал оружје, не морало ништо да значи. Па, за каква безбедност тогаш да зборуваме? Носењето на новите закони, што вие ги нарекувате „строги“ треба да значи токму јасна порака и до судската власт за тоа што значи слободата на говор и новинарството како јавен интерес.

Б.М.

Слични содржини