Скопското подземје не мирува: „Ваквата состојба им импонира на други криминални групи кои ќе се зајакнат во овој период поради апстиненцијата на одредени лица“

од Nikola Popovski

Продолжуваат пресметките на подземјето во Скопје. Дел од јавноста смета дека пресметките меѓу клановите прераснаа во крвна одмазда и не се знае дали ќе запрат. Ова доаѓа откако лицето З.Т. беше пронајдено мртво во скопското село Блаце. Според информациите, убиениот е татко на Гани Туша од групата „Барон“, осомничен за убиството на Орхан Бајрами-Оки, еден од водачите на групата „Дуќанџик“, што се случи во Грција. Туша е осомничен и за други кривични дела и во моментов во притвор во затворот во Шутка. Неговиот татко бил убиен додека работел на нива, а бил пронајден со прострелни рани.

Обична пресметка меѓу кланови или крвна одмазда?

Професорот од Факултетот за безбедност Злате Димовски смета дека случувањата кои се резултат на расчистување на „долгови“ помеѓу криминални групи во овој период, ќе се интензивираат затоа што сметките тешко ќе можат да бидат целосно израмнети. Според него, ова ќе трае до моментот додека не се најде посредена и појака криминална група која ќе понуди принципи и примамливи „бизниси“, па така ќе се смират двете групи, поточно повеќето инволвирани групи.

Злате Димовски

-Се додека не се најде такво решение ќе продолжат расчистувањата. Ваквата состојба им импонира на други криминални групи кои ќе се зајакнат во овој период поради апстиненцијата на лица од споменатите групи кои меѓусебно ќе се напаѓаат, вели Димовски за „Локално“.

Професорот тврди дека состојбите би требало да бидат искористени од страна на безбедносно разузнавачката заедница и координирано и систематски по принципот „divide et impera” да се наметнат преку пенетрирање со свои сили во групите со цел контролирање, осознавање на нивните планови и соодветно прекинување на дејствијата на групите.

-Тогаш, искористената состојба ќе даде позитивен резултат за намалување на ризиците и заканите од тие групи и намалување на стравот кај граѓаните. Преку тоа државата ќе воспостави поголема контрола над криминалните групи и ќе се придонесе за намалување на криминалот, порачува Димовски.

На прашањето дали можеби Шеваљ Муареми од групата од Грчец, кој е во бегство во Дубаи е „мозокот“ и нарачателот на ова убиство, универзитетскиот професор истакнува дека секогаш оние лица кои се промовираат во јавноста како главни во групите, не е реална состојба туку пласирана информација со точно одредена цел.

-Ако земеме дека организираните групи имаат огромни приходи од криминалот, тогаш очекувано е да се издигне некој на ниво на идол за другите оние кои се главни да продолжат слободно да работат, планираат, а т.н. главен да ужива слава, додека другите носат приходи. Најглавните секогаш седат доста високо во општеството и ја следат севкупната состојба и за соодветни потреби пласираат информации за лица, состојби, средства или за неуспешни „бизниси“ за да ја смират или иницираат јавноста да размислува во одреден правец, сепак посакуван за нив, заклучува Димовски.

Скопското обвинителство изврши увид во близина на Блаце, каде беше пронајдено безживотното тело на З.Т. Земени се примероци кои ќе бидат предмет на вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото. Ќе се извршат проверки за да се преземат дејствија за обезбедување на докази. Од Обвинителството информираа дека се проверува поврзаност на инцидентот со пожарот во кафулето „Барон“ во Чаир.

Гани Туша е осомничен и за вмешаност во двојното убиство на Јетон Кривањева – Жила и Енис Исени – Љаци во „Шиша бар“ во март минатата година, исто така како чин на борбата за превласт врз пазарот со наркотици на тeриторијата на Скопје.

Случајот стана предмет и за меѓупартиска пресметка. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски немаат капацитет да расчистат случајот, обвини СДСМ во партиско соопштение.

-Дали се само неспособност на кадрите на Мицкоски во МВР или структури блиски на ДПМНЕ се обидуваат да се вмешаат во нелегалните бизнси со дрога, прашаа од партијата на власт.

Според ВМРО-ДПМНЕ, случаите се продолжение на крвавата пресметка на двете групи која почнала во време на претходното раководство на МВР. Според партијата на Христијан Мицкоски, „застреланиот го нашол братот полицаец чие име се спомнува во структурата на фирмата која продава јаглен на ЕСМ и РЕК Битола, а јавна тајна е дека ЕСМ и РЕК се златните рудници каде црпи пари врвот на СДСМ и ДУИ“.

-Срамно е и се граничи со лудост да се пушта соопштенија каде СДС го обвинува Тошковски за расветлување на убиство кога се знае дека тие нарко кланови претходно се пушкараа среде Скопје, се убиваа и брутално егзекутираа, а во исто време седеа во скутот на Спасовски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На последниот ден од мандатот на екс-министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, беше извршена полициска акција во село Грчец, по која 16 лица се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства. Во акцијата се уапсени седум лица, од кои шест во земјата, едно во Шпанија, а другите подолг временски период се надвор од Македонија, но според Спасовски полицијата знае каде се и има соработка со Европол.

Групата се занимавала со шверц на дрога и извршувала убиства. Спасовски рече дека групата транспортирала 435 килограми кокаин од Бразил до белгиското пристаниште Антверпен, како и 106 килограми кокаин од Перу до холандското пристаниште Ротердам. Групата шверцувала дрога од Белгија во Македонија и од Албанија во Македонија.

Осомничените од криминалната група ја користеле апликацијата за енкриптирана комуникација „Скај“, која што беше исклучена во 2021 година на барање на американските власти, а веб сајтот беше запленет од ФБИ.

Н.П.

Слични содржини