Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, ги повика играчите и навивачите на „црвените“ да запомнат дека тимот сè уште има работа да заврши во недела против Тотенхем пред да се препушти на прославите. На лидерите во Премиер лигата им е потребен бод против „Спарс“ за математички да ја обезбедат 20-тата шампионска титула на Англија.
„Натпреварот против Тотенхем е голема одговорност бидејќи знаеме дека последниот пат кога клубот ја освои титулата беше за време на Ковид. Сите со нетрпение очекуваат да дојде недела, но сè уште имаме работа. Го знаеме тоа и се надеваме дека навивачите нема да го заборават кога ќе дојдат да нè поддржат на стадионот. Ни треба бод. Ќе биде добар натпревар и со нетрпение го очекуваме. Веќе три пати игравме против Тотенхем оваа сезона, па знам колку е тешко да се соочиме со нив. Тие играат за нешто посебно во Лигата на Европа и сакаат да се подготват за тоа на најдобар можен начин“.
На прашањето дали е возбуден што ќе влезе во историјата како прв холандски менаџер што ја освоил Премиер лигата, Слот одговори: „Тоа ви поминува низ глава, но тоа е последното нешто за кое размислувате како менаџер во моментов. Единственото нешто за кое размислувам сега е да се осигурам дека сите играчи се достапни. Минатата недела видов колку е тешко да се победи против тим кој речиси испаднал од лигата“.
На тврдењата дека оваа сезона во Премиер лигата е генерално послаба од претходните, Холанѓанецот одговори: „Секој има свое мислење. Тешко ми е да кажам бидејќи ова ми е прва сезона. Според мене, лигата е многу тешка. Ниту еден натпревар не беше лесен. Ние не сме единствениот тим кој се бори да победи со три или четири гола разлика. Беше полесно пред неколку години. Можеби Ливерпул, Арсенал и Сити веќе не се толку добри. Или можеби ние сме сè уште многу добри, но другите тимови стануваат посилни“.
Слот, исто така, коментираше за можноста Џо Гомез да се врати до крајот на сезоната: „Доколку неговото закрепнување оди добро, тој ќе биде достапен за последните два натпревари од сезоната. Тој сè уште не тренира со нас, но се приближува до тој момент“.