Случај „Титаник 2“: Фетаи сама во судница, одбраната не дојде

од desk2

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи денеска дојде на јавната расправа во Апелација за случајот „Титаник 2“, но столчињата за адвокатите на обвинетите кои бараат две бомби на СЈО да не бидат доказ во постапката, останаа празни.

Обвинителката Фетаи рече дека од тие бомби директно се слуша како поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков и лидерот на ДПА, Мендух Тачи договараат местенки во Државната изборна комисија и во Управниот суд. Таа се повика на досегашната пракса на Апелациониот суд кој одлучи бомбите да бидат доказ во сите постапки на СЈО. Обвинителката Фетаи повтори дека прислушуваните разговори се незаконски креирани, но законски прибавени. Затоа побара бомбите да се репродуцираат на главната расправа за предметот „Тврдина 2“.

Апелациониот суд на јавна седница одлучува дали бомбите ќе бидат доказ во судската постапка за случајот „Титаник 2“, во кој се обвинети судии од Управниот суд за изборни нерегуларности од локалните избори во 2013 година.

Кривичниот суд на 2 октомври ги отфрли прислушуваните разговори на Специјалното јавно обвинителство како докази во обвинението за случајот „Титаник 2“, иако претходно на 18 септември Апелација прифати бомбите да бидат доказ во предметот „Триста“. СЈО поднесе жалба на одлуката на Основниот суд Скопје 1 за отфрлање на бомбите.

Во август годинава, Судскиот совет донесе одлука да им го одземе судскиот имунитет на петмината судии од Управниот суд обвинети во „Титаник 2“. Ваквата одлука беше донесена на барање на судијката која што го оценуваше обвинителниот акт. Во „Титаник 2“ беа обвинети уште пет лица од Државната изборна комисија, како и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Апелационите судии треба да одлучат дали бомбите се доказ само уште во предметите „Тортура“ и „Титаник“./Макфакс

Слични содржини