Со стари кадри до „преродба“: „ВМРО-ДПМНЕ сака преродување на груевизмот, кај СДСМ е нејасно зошто министрите се туркаат да бидат носители на изборни листи“

од Nikola Popovski
511 прегледи

Се формираат пратеничките листи за претстојните избори. Иако последниот рок за поднесување на листите е 3-ти април, повеќе или помалку се знаат носителите на листи кај партиите. Дел од партиите најавуваат преродба, но многумина од нив се веќе познати и стари кадри на политичката сцена. Во ВМРО-ДПМНЕ останува да го решат носителот во петката, останатите се познати: Христијан Мицкоски, Владо Мисајловски, Драган Ковачки, Александар Николоски и Дафина Стојановска. Во СДСМ пак, покрај сигурниот Димитар Ковачевски копјата се кршат меѓу Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска, Љупчо Николовски и оливер Спасовски, но тука се споменуваат и Венко Филипче, Јованка Тренчевска и Славјанка Петровска. Од останатите партии кои ќе учествуваат на изборите во првата изборна единица се најави лидерот на Левица, Димитар Апасиев и скопската градоначалничка Данела Арсовска. Албанските политички партии главната битка ќе ја водат во шестката. Таму се очекува дуел на Али Ахмети со Биљал Касами додека Изет Меџити и Африм Гаши се очекува да се распоредат во првата и втората изборна единица.

Дали е можна „преродба со стари кадри“?

Феноменот на внатрепартиски борби е посебна одлика на нашата политичка сцена, смета политичкиот аналитичар Александар Генчов. Според него, феноменот е баш феномен бидејки кога доаѓаат избори или поставување кадри, тогаш веќе политичкиот дискурс се остава на страна и, како што вели, започнува спартанска бескомпромисна борба за својата политичка кожа и во таква ситуација не се гледа партиската идеологија, а за нацијата и државата и не станува збор.

Александар Генчов

-Листите се тие ниту едната страна на ВМРО ДПМНЕ, ниту коалицијата ДУИ/СДСМ немаат намера од отстапување и барајќи луѓе по квалитет и перформанси. Дури ова до тој степен е изразено што секој нормален предлог за поинаква перцепција и делување станува или ерес или е чуден или дури е оквалификуван како партиска недисциплина, посочува Генчов.

За аналитичарот, токму ваквиот пристап е можеби креиран, но и е резултат на политичкото раководство.

-Но и менталитетот на самите членови кои не само што не се противат туку и ја креираат оваа атмосфера на ваков начин на избор, бидејки и самите чекаат да ќарат некој партиски плен и од тие прицини имаме пак исти кадри, изјави Генчов.

Според новинарот и аналитичар, Зоран Иванов, не бива ништо од преродба освен ако во ВМРО-ДПМНЕ не мислат на преродување на груевизмот.

-Грото од објавените имиња за носители на изборните листи по изборни единици се кадри од тоа време и тоа не било кои туку од високите партиски и државни ешалони во времето на владеењето на оваа партија под водството на нивниот тогашен партиски претседател значи од времето кое во повеќето ЕУ извештаи е оценето како назадување на македонската демократија. И во македонската јавност тој период е регистриран како време на режим, на окупација на медиумите, на узурпација на човековите права и слободи, на масовните телефонски прислушувања, па сега, ценете, вели тој во разговор за „Локално“.

Според него, не случајно е утврден терминот „носител на листа“.

Зоран Иванов

-Политичките партии настојуваат преку прворангираните кои во самата партија го заслужиле тоа место, да ги мотивираат не толку верните партиски членови, туку, пред се, неопределените гласачи да го дадат гласот за целата кандидатска листата на партијата мотивирани токму од личноста носител преку кој партијата настојува да мотивира граѓани својот глас да го дадат за неа мотивирани и од личноста фаворит и промотор на изборната листа, вели Иванов за „Локално“.

Околу евентуалните кандидати за носители на СДСМ, Иванов истакнува дека природно е претседателот на партијата да биде на чело на една од листите.

-Но другите кандидати што ги спомнувате се главно министри и доколку партијата тврди дека ќе ги добие изборите и пак ќе формира влада, тогаш е нејасно зошто министрите се туркаат да бидат носители на изборни листи кога по изборите можат да продолжат со своите министерски функции, но сето е проценка и работа на самите партии, оценува соговорникот.

На прашањето дали очекува некакви изненадувања, со оглед на заситеноста на македонските граѓани од истата понуда, Иванов одговара:

-Па како што од партиските штабови излегуваат имиња на носители на изборни листи, оттаму како да нема навестувања за нови имиња, за афирмирани личности докажани во своите професии и работни средини. Веројатно и на овие избори понудата ќе биде главно партиска и на листите ќе се најдат докажани партиски активисти наспроти очекувањата на избирачите во политиката да влезат индивидуи со  успешна работна историја, посочува новинарот.

Н.П.

Слични содржини