Сојузот на Средношколци: Нема достојни зборови кои можат да ја опишат нашата тага и потресеност по овие грозоморни настани

од Radmila Tasevska
Сојузот на средношколци упатува најдлабоко сочуство до блиските на жртвите од последната трагедија, но и до сите деца, родители и граѓани. Нема достојни зборови кои можат да ја опишат нашата тага и потресеност по овие грозоморни настани.
Оваа трагедија ќе ни служи како сурова лекција за попретпазливост, емпатија и сплотеност, но по најскапата цена – човечки животи. Учениците од сите возрасти чувствуваат дека нивната безбедност е загрозена, а воедно и нивниот комфорт како млади. Апелираме во овој период интензивно да се внимава на менталното здравје, особено во училиштата како исклучително важна средина погодена од овој настан.
Сојузот ги потенцира дополнителниот страв и паника предизвикани од информациониот хаос во медиумите и социјалните мрежи. Нашата медиумска неписменост, иако е детска и невина, има сериозни последици кои го влошуваат и пролонгираат ефектот на ваквите немили настани откако ќе се случат.
Покрај информационата криза, согледавме дека не само младите, туку мнозинството граѓани се во бунило како да го искажат својот гнев и ефикасно да дејствуваат во пракса. Евидентно е дека има силен револт и дека тој е широко присутен, но сѐ уште на видик нема позитивна промена во реалноста како одговор. Веруваме дека ова се должи на ниското ниво на запознаеност со демократскиот систем, процеси и движења.
Сојузот ја потсетува јавноста дека една од неговите главни заложби е зголеменото образование токму во овие области, за спречување и подобро менаџирање на ваквите ситуации во иднината. Апелираме до институциите за поинтензивна работа и приоритизирање на развој на предлозите од Белата книга на Сојузот ,,Изучувањето на граѓанското и финансиското образование, медиумската писменост и дебатата во средните училишта како предуслов за градење активни граѓани” кои ден за ден се покажуваат како сѐ понеопходни.

Слични содржини