Сопругата на Џулијан Асанж: „Неговото ослободување никогаш не било поблиску“

од Stefanija Kuzmanovska

Сопругата на австралискиот новинар Џулијан Асанж, Стела Асанж, денеска изјави дека ослободувањето на нејзиниот сопруг „никогаш не било поблиску“ и дека австралиската влада игра важна улога во неговото пуштање на слобода.

Таа ја даде оваа изјава неколку недели откако австралискиот премиер Ентони Албанес истакна дека држењето на Асанж во затвор „не служи за никаква цел“.

Австралискиот SBS наведува дека коментарите доаѓаат откако новиот висок комесар на Австралија во Обединетото Кралство, Стивен Смит, го посети Асанж во април во лондонскиот затвор со максимална безбедност Белмарш.

„Важно е да се признае дека Австралија игра важна улога и може да обезбеди ослободување на Џулијан. Животот на Џулијан е во рацете на австралиската влада. Не е мое да ѝ кажам на австралиската влада како да го направи тоа, но тоа мора да се направи. Џулијан мора да биде ослободен“, изјави Стела Асанж, која исто така е член на адвокатскиот тим на Џулијан.

Таа додаде дека се надева на Албанес да го оствари тоа. Австралиската влада изрази поддршка за Асанж да се врати во Австралија, но нагласи дека Австралија не е во позиција да интервенира во правните постапки на друга земја.

Австралиската SBS потсетува дека Асанж и неговите соработници објавиле стотици илјади доверливи американски документи преку веб-страницата Викиликс, вклучително и видео со наслов „Колатерално убивање“, кое го прикажува американскиот воздушен напад во 2007 година во кој беа убиени новинари и цивили.

Американското министерство за правда го обвинува за „една од најголемите закани за доверливите информации“ во историјата на земјата, а 18-те обвиненија со кои се соочува таму носат заедничка максимална казна од 175 години затвор.

Слични содржини